Линкови за пристапност

Каузларич: Нема натпревар за влијание


Каузларич: Нема натпревар за влијание
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:45 0:00

Каузларич: Нема натпревар за влијание

Стручњакот за енергетски прашања ги негира шпекулациите дека во Македонија, САД и Русија водат битка за енергетска доминација на Балканот

Планот за изградба на гасоводот Турски поток ги стави историските ривали Русија и Турција на една страна, но според поранешниот американски амбасадор во Азербејџан и Босна и Херцеговина, а сега професор по енергетска политика на Универзитетот Џорџ Мејсон, Ричард Каузларич, за проектот постои голема неизвесност поврзана со финансирањето, цената на гасот за Турција, но и тоа за кого ќе биде наменет гасот.

„Има многу неодговорени прашања. Се чини дека е начин да се одржи живо она што навидум беше целта на Јужниот поток, а тоа да се избегне достава на гас во Европа преку Украина. Во основа, не е развивање на нов пазар во Европа, туку избегнување на испораката на руски гас преку Украина“ вели Каузларич.

На почетокот на април, Унгарија беше домаќин на Грција, Србија и Македонија, на средба за тоа како колективно да придонесат за Турскиот поток и колку проектот е издржлив. Во прашање не е само економската страна, туку и европските регулативи. Неодамна, Европската комисија покрена случај против ГАЗПРОМ за монополска улога, и во производството, и во доставата. САД ја поддржуваат разновидноста на доставата на гас во Европа, а потпретседателот на Европската комисија Марош Шевчович порано годинава кажа дека работна група до јуни треба да изготви акционен план за достава на гас до Централна и Источна Европа:

„Решивме дека наша цел треба да биде во регионот секоја земја да има обезбедено достава на гас најмалку од три извори“, рече Шевчович во Софија.

Но, на прес-конференција при неодамнешната посета на Белград, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров шпекулираше дека немирите во Македонија можеби се насочени против руските интереси во земјата којашто не се приклучи на западните санкции кон Москва и може да стане транзитно подрачје за рускиот гас:

„Има појава на нешто што би го нарекол менталитет на конфронтација. Не можам да бидам сигурен, но објективно гледано, настаните во Македонија се развиваат по линија на одбивањето на македонската влада да воведе санкции против Русија и по линија на активната поддршка на Скопје за плановите за изградбата на гасоводот Турски поток“, кажа Лавров.

Амбасадорот Каузларич на ова коментира дека не станува збор за нов фронт на некаква американско-руска битка за енергетска доминација на Балканот.

„Јас навистина не верувам во тоа. Со жалење можам да кажам дека еден од проблемите е дека САД не одвојуваат толку внимание на Балканот во целост, и посебно, на Македонија и на Босна и Херцеговина. (...) Не гледам дека ова е област каде се игра голема игра на натпревар меѓу САД и Русија за влијание. (...) Мислам дека нашиот интерес, генерално, е да се направи разновиден европскиот пристап кон енергенсите, наместо да се судриме глава со глава со Русија“, вели Каузларич.

XS
SM
MD
LG