Линкови за пристапност

Бајден веројатно нема да присуствува на климатскиот самит во Дубаи, велат извори


Конференцијата на Обединетите нации за климата, позната како КОП28 се одржува од 30 ноември до 12 декември во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, голем производител на нафта
Конференцијата на Обединетите нации за климата, позната како КОП28 се одржува од 30 ноември до 12 декември во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, голем производител на нафта

Американскиот претседател Џо Бајден веројатно нема да присуствува на собирот на светските лидери во ноември, фокусиран на климатските промени, според двајца американски претставници и уште едно лице информирано за планирањето на настанот.

Конференцијата на Обединетите нации за климата, позната како КОП28 се одржува од 30 ноември до 12 декември во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, голем производител на нафта.

Распоредот на Бајден не беше фиксен, сè уште можеше да се промени и не беше официјален додека не беше објавен, предупредија лицата.

Тие рекоа дека не е донесена конечна одлука.

Белата куќа соопшти дека нема ажурирања за плановите за патување на Бајден.

„Претседателот Бајден ја водеше и ја реализираше најамбициозната климатска агенда во историјата, и дома и во странство. Иако немаме никакви ажурирања за патувања за споделување во овој момент, администрацијата се радува на робустен и продуктивен КОП28“, рече портпаролот.

Десетици земји планираат да се залагаат за првиот договор во светот за постепено укинување на јагленот, нафтата и гасот што емитуваат јаглерод диоксид на состанокот во Дубаи.

Учеството на Бајден на минатогодишниот настан КОП27 во Египет беше најавено само две недели пред настанот.

Таму, тој ги промовираше одредбите за климата во тогаш неодамна донесениот Закон за намалување на инфлацијата.

Бајден го прескокна самитот на 10-члената Асоцијација на нации од Југоисточна Азија (АСЕАН) во септември, испраќајќи ја потпретседателката Камала Харис на негово место.

Запрашан дали ќе присуствува на КОП28, портпаролот на Харис рече „немаме никакво патување да објавиме“.

XS
SM
MD
LG