Вака изгледа еден филтер пред да се искористи за мерење на загадувањето на воздухот. После употребата неговиот изглед е сосема поразличен. Тоа што го има на себе е талог од тврди честички што македонските граѓани ги вдишуваат преку загадениот воздух.
„Најголем процент од загадувањето, за жал, ни доаѓа од загревањето на домаќинствата (со дрва). Имаат удел и други фактори, но процентот е неспоредливо најголем кај домаќинствата“, вели Бобан Самарџиски, лаборант.
Овие наоди во неколку наврати ги нагласија стручните лица од лабораторијата „Амбикон“, при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Решивме да ја посетиме лабораторијата и да видиме кој е начинот на кој се детектира загадувањето на воздухот. Тоа што ни падна во очи е дека претежно млад научен кадар е вклучен во анализите и мерењата.
„Податоците земени од тежината на празни и полни филтри, и вкупната работа на машината предвидена за тој процес, ни ја даваат концентрацијата на прашината на метар кубен“, објаснува лаборантот Самарџиски.
Покрај тежината, се анализира и хемискиот состав на содржината „фатена“ преку филтрите. Тој дел од процесот го работи професорката Афродита Зенделска.
„Имаме акредитирана метода. Овој инструмент може да анализира од натриум, до ураниум. Ние имаме калибрација и акредитација за до триесетина елементи, кои се сосема доволни за да можеме да дадеме јасна слика за квалитетот на нашиот воздух“, вели професорката Зенделска.
Тоа со коешто најмногу се гордее универзитетската лабораторија е новиот мултинаменски електронски микроскоп кој е единствен во земјава и во поблискиот регион. Чини 300.000 евра, а го набавиле со помош на Министерството за образование и наука, но вложиле и околу 90.000 евра сопствени средства.
„Со вакви уреди ние можеме да ги идентификуваме, на пример, многу опасните честички на азбест во воздухот, во материјалите и слично. Со ваков уред можете да идентификувате колкав е бројот на честички што се наталожиле на еден сантиметар кубен, како и да ја дефинирате и нивната форма и нивната структура, како и хемискиот состав“, објаснува Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“.
Потребна е многу поголема отвореност на овие институции за вработување на нови, млади кадри, доколку сакаме да го задржиме темпото на научни истражувања рамноправни со развиените земјиДејан Мираковски, Ректор на УГД - Штип
Ректорот Мираковски додава дека имањето таков уред создава голема предност и конкурентност во регионот на полето на научните истражувања.
„Нашата цел е да го отвориме пристапот за научници од различни области, како од нашата држава, така и од регионот. До сега комплетно се поддржани повеќе од 80 различни научни истражувања. Се надевам дека со новата опрема тоа ќе се зголеми уште повеќе“, вели Мираковски.
Научниот тим во „Амбикон“ го сочинуваат дванаесетмина лаборанти и професори. Според ректорот Мираковски, кој е воедно и раководител на лабораторијата, на македонската наука ѝ е неопходно навремено подмладување.
„Обновувањето оди доста тешко. Потребна е многу поголема отвореност на овие институции за вработување на нови, млади кадри, доколку сакаме да го задржиме темпото на научни истражувања рамноправни со развиените земји“, укажува Мираковски.
Современи лаборатории, според професорите, значат и привлекување нови кадри, а со тоа и развој на науката во македонското општество.
„За да можеме да имаме наука, првично мораме да имаме добри лаборатории, како и луѓе што ќе работат во овие лаборатории. Доколку не се лабораториите и овие уреди и инструменти, тешко дека ќе можеме да дојдеме до точни сознанија“, вели професорката Зенделска.
„Поради тоа што секој лош или неточен податок може да направи повеќе паника, отколку да даде корисни информации“, додава лаборантот Самарџиски.
Ректорот Мираковски, истовремено укажува на потребата за создавање и одржување повеќе научно-истражувачки единици низ државата.
„Се надевам дека ако ги мултиплицираме, ако го зголемиме бројот на вакви јадра, универзитетите можат да бидат еден од иницијаторите за подобрување на севкупните услови на живеење во државата“, укажува ректорот Мираковски.
Според годишната програма на Министерството за наука и образование, за финансирање на научно-истражувачката дејност годинава се издвоени околу 3,6 милиони евра. За споредба, во Црна Гора, предлог-буџетот за наука и за иновации во 2023 година изнесува вкупно 8,5 милиони евра.
Facebook Forum