Линкови за пристапност

Бројот на болни од грип во Македонија зголемен за 74 отсто, споредено со лани


Во текот на првата недела од 2023-та година според Институтот за јавно здравје, во Северна Македонија бројот на пријавени лица болни од грип споредено со првата недела од минатата сезона е зголемен за 74,7 отсто.

Гужви пред ординациите и болниците, а граѓаните со денови неможат да здивнат од висока температура, интензивна кашлица, болки во телото, па дури и поголеми компликации како пневмонија, карактеристични за овој сезонски грип. Две години поминати во претпазливост, од можна зараза со ковид, сега ги олабави граѓаните. 80 отсто од посетите изминатиот период се со пациенти со симптоми на грип, велат лекарите.

„Сега можеби малку доаѓа чудно затоа што во време на пандемијата, освен Ковид, немаше контакти, и не се дозволи останатите вируси да стапат и како да беа малку под заспани“, вели Виолета Мицкоска, матичен лекар.

Покрај топлото време нетипично за овој период од годината, како и големите температурини разлики, причина за големиот број на заболени лекарите го гледаат и во непочитувањето на мерките за заштита. Препорачуваат да се носат маски во болници, јавен превоз, аптеки, а болните да се изолираат.

„Затоа е многу битно да се запазат тие превентивни мерки, кои ги препорачувавме и за ковидот“, вели Ружица Анѓелеска, специјалист по семејна медицина.

„Точно е дека ги заборавивме оние мерки на заштита, меѓутоа треба во местата каде има колективни згрижувања, каде има групирања на повеќе болни, а каде има сомнеж за вирус, барем овде да ги носиме маските. Имаше многу празници, повеќе контакти. Тука беа и младите по дискотеки кои многу голем број беа незаштитени. Тие лесно поминуваат, меѓутоа го носат дома вирусот“, вели Мицкоска.

Причина е и лошиот квалитет на воздухот.

„Најчесто тоа се должи и на аерозагадувањето. Имаме доста големо загадување и осетливи се самите пациенти, поради пад на нивниот имунитет“, вели Анѓелеска.

Најзагрозена популација се децата и повозрасните.

„Сите популации се зафатени. Но децата од претшколска возраст и раните школски деца се со повеќе компликации но и старите кои имаат повеќе коморбилитетни состојби, особено оние кои имаат повеќе респираторни и хронични болести и кардиоваскуларни болести“, вели Мицкоска.

Во текот на првата недела регистриран е еден смртен случај асоциран со грип. Се работи за лице на возраст од 65 години од Скопје, кај кого било утврдено присуство на коморбидитети (кардиоваскуларно и белодробно) и не бил вакциниран против сезонски грип. Во досегашниот тек на сезоната на грип регистрирани се три починати лица, асоцирани со грип. Инаку во текот на првата недела од 2023-та година, според Институтот за јавно здравје, во Северна Македонија, бројот на пријавени лица, болни од грип споредено со првата недела од минатата сезона е зголемен за 74,7 отсто.

XS
SM
MD
LG