Линкови за пристапност

Греењето на дрва, нафта и мазут најмногу го загадува воздухот во македонските градови


Лекарите укажуваат дека долготрајната изложеност на загаден воздух може да предизвика астма, инфекции во дишните патишта и органи, рак на белите дробови, но и срцеви и мозочни удари
Лекарите укажуваат дека долготрајната изложеност на загаден воздух може да предизвика астма, инфекции во дишните патишта и органи, рак на белите дробови, но и срцеви и мозочни удари

Согорувањето биомаса, односно дрва, е најголемиот извор на загадување на амбиенталниот воздух, кое некаде изнесува и до 60%, потоа доаѓа согорувањето на нафта и мазут за загревање во јавните објекти, вели Дејан Мираковски, раководител на универзитетската лабораторија „Амбикон“ од Штип

Греењето на дрва во домаќинствата, односно согорувањето биомаса, како и користењето на нафта и мазут во институциите како гориво за загревање, се најголемите извори за загадувањето на воздухот на подрачјето на Скопје.

Тоа стои во единствената поопсежна и подолготрајна анализа што во скопскиот регион во текот на 2020 и 2021 година ја изврши лабораторијата „Амбикон“ од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Податоците во голема мера важат и денес, како за Скопје, така и за другите поголеми градови во Македонија.

Во текот на зимските месеци, убедливо најголем извор на загадување, од е согорувањето на биомаса. Потоа доаѓа согорувањето на нафта и мазут за загревање во јавните објекти

„Ако ги гледаме на месечно ниво поединечните извори, тогаш во текот на зимските месеци, убедливо најголем извор на загадување, од 40%, 50% па и 60% е согорувањето на биомаса. Потоа доаѓа согорувањето на нафта и мазут за загревање во јавните објекти. Потоа се сите други извори“, вели Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот во Штип, како и раководител на лабораторијата „Амбикон“.

Истражување на универзитетската лабораторија „Амбикон“
Истражување на универзитетската лабораторија „Амбикон“

Како што додава Мираковски, во текот на летните месеци, состојбата е поразлична и тогаш доминира минералната прашина, односно прашината од градежните активности.

Според нивното истражување, било увидено дека во периодот од ноември до март, согорувањето на биомасата, односно греењето на дрва во Ново Лисиче било застапено и до 57%, додека на територијата на Карпош, учеството на биомасата во вкупното загадување било 59%.

За жал, со енергетската криза, верувам дека загадувањето или ќе застане на ова ниво или ќе се влоши во текот на годинава, зашто голем дел од граѓаните, немајќи друг избор, морале да се вратат на поевтини горива

Мираковски додава дека нивните мерења покажале дека во изминатите десетина години има тренд за намалување на загадувањето на воздухот во урбаните средини, но дека состојбите се сè уште над дозволените граници.

„За жал, со енергетската криза, верувам дека тоа или ќе застане на ова ниво или ќе се влоши во текот на годинава, зашто голем дел од граѓаните, немајќи друг избор, морале да се вратат на поевтини горива“, вели професорот Мираковски.

Во однос на другите градови, како и за случаите кога и градови како Берово и Штип се најдоа на листата на високо загадени подрачја, професорот вели дека причината е повторно греењето на дрва и тешки горива.

„Такви епизоди на екстремно загадување, за жал ни се јавуваат секаде. Пред сè поради тоа што урбаните средини користат цврсти горива што имаат високи емисии. Додека ги имаме тие, ќе ги имаме и епизодите на високо загадување“, посочува Мираковски.

Истражување на лабораторија „Амбикон“
Истражување на лабораторија „Амбикон“

Професорот, како што стои и во самото лабораториско истражување, посочува дека фокусот треба да се стави на измени во начинот на загревање и на институциите и на домаќинствата.

„Кога ќе ги намалиме тие емисии, или кога ќе им овозможиме на домаќинствата да имаат многу поефикасни системи за загревање, ќе се заштити животната средина, но и домовите. Старите системи за греење се сериозен извор за загадување и внатре, во домот. Сигурен сум дека тоа ќе резултира со подобри услови за живеење“, вели Мираковски.

Денеска на удар на Државниот инспекторат за животна средина се најде „Цементарница УСЈЕ“, од каде издадоа решение со кое на цементарницата ѝ се наложува во двата котли за парно греење со моќност од 4,2 мегавати со кои се загрева фабриката да се користи природен гас како гориво. Рокот за реализирање на задолжението е пет дена.

Од Цементарницата, пак, соопштија дека при вонредна контрола на 3 и 4 јануари, било потврдено дека емисиите од производниот процес се пониски од дозволените гранични вредности. Но, додадоа и дека поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите употребувале мазут.

Скопје, како и во изминатите години, и зимава во периодот околу новогодишнуте празници се најде меѓу десетте најзагадени градови во светот.

Лекарите укажуваат дека долготрајната изложеност на загаден воздух може да предизвика астма, инфекции во дишните патишта и органи, рак на белите дробови, но и срцеви и мозочни удари.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG