Тоа би рекол дека е во линија на потребата на луѓето за силен, цврст лидер, како што беше перципиран Груевски за време на неговото владеење, смета Марко Трошановски од Институтот за демократија коментирајќи ги резултатите од истражувањето на ИРИ.
Во анкетата на Интернационалниот републикански институт, поранешниот премиер, како и лице кое избега од отслужување изречена казна, Никола Груевски изби на прво место по своевидна „популарност“ кај македонските граѓани што биле вклучени во истражувањето. Бројките, кои се движат под 10%, покажуваат дека ниту еден од политичките лидери нема доволна популарност кај испитаниците во анкетата.
„Кога имате ситуација во која многу малку од административните услуги функционираат ефикасно, кога имате високо распространета корупција, или интра-етнички фрустрации кај луѓето, се разбира дека излезот се гледа во лидери коишто се перципираат како политичари со цврста рака, вели Трошановски.
Веројатно, луѓето кога се сеќаваат позитивно на времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски е на првите неколку години од тоа владеење.Марко Трошановски
За предноста на Груевски во однос на другите лидери и кој владееше во период кога беа нарушени бројни демократски процеси, Трошановски додава:
„За време на тоа владеење, да, во крајните фази на тоа владеење се разбира. Но, земјата за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ исто така имаше понизок степен, понизок индекс, на перцепција на корупцијата, отколку во изминатите пет години. Исто така доби неколку последователни препораки за отпочнување преговори од страна на Европската комисија. Така што веројатно, луѓето кога се сеќаваат позитивно на времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски е на првите неколку години од тоа владеење“, смета Трошановски од Институт за демократија.
Според истражувањето на ИРИ, ниту еден од политичките лидери нема доволно наклонетост од испитаниците во анкетата. Така „популарноста“ на премиерот-бегалец, Груевски, годинава пораснала и изнесува 7%, кај Христијан Мицкоски е 6%, додека кај премиерот Димитар Ковачевски е 5 проценти.
За лидерот на ДУИ, Али Ахмети се изјасниле 6% од испитаниците, додека за челникот на Левица, Димитар Апасиев позитивно одговориле 3%. Популарноста на претседателот Стево Пендаровски е исто така 3%, според изјаснувањето на испитаниците во анкетата на ИРИ.
Според истата анкета, доколку есенва се одржат избори, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 13% од испитаниците, додека за СДСМ својот глас би го дале 9 отсто. ДУИ се на трето место, со шест проценти од учесниците во анкетата.