Истоштување на оперативните служби и напад кога најмалку се очекува е една од можните цели на бројните дојави за поставени бомби, како и следење на постапките на безбедносните структури, смета универзитетскиот професор и доктор по науки од областа на безбедноста, Методи Хаџи-Јанев во разговор за Гласот на Америка.
„Тоа може да биде организирана група, која може да има поразлични авантуристички цели. Но, може да има и политичка позадина којашто ќе биде оркестрирана од страна на државен субјект. Или, пак, недржавна организација којашто има одредена политичка амбиција или политичка цел“, вели универзитетскиот професор.
Тоа може да биде организирана група, која може да има поразлични авантуристички цели. Но, може да има и политичка позадина којашто ќе биде оркестрирана од страна на државен субјект
Хаџи-Јанев укажува дека е безбедносните служби треба да бидат внимателни и да останат на нивото на задачата, зашто една од можните цели е нивно истоштување.
„Токму ваквите ситуации честопати знаат да го изморат оперативецот или оперативниот одговор и да го спуштат ‘гардот’ и кога најмалку се очекува, тогаш да се зададе ударот. Од друга страна опасноста е што преку ова тие можат да прават извидување и набљудување на стандардните процедури на оперативната реакција, што исто така може да претставува проблем“, укажува нашиот соговорник.
Хаџи-Јанев смета дека не се сите дојави за бомби од ист извор. Според него целта е да се предизвика верижна реакција, која би поттикнала и други лица да се вклучат во процесот на слични дојави и вознемирување.
Професорот нагласува дека за овој вид напади нема целосно решение, но сепак додава и дека од страна на институциите не се преземени доволно постапки за подобра заштита.
„Мораме да бидеме коректни и да кажеме дека забелешките дека институциите не направиле доволно се во ред. Неминовен е фактот дека тие (институциите) треба да работат на поголема будност, но и на градење на капацитетите“, вели Хаџи-Јанев и прашува колку државата активно вложува во градење добар систем за заштита од кибернетички напади.
Јанев додава и дека секоја институција, како и секој поединец, треба да води сметка за заштита од хибридните напади што се изведуваат во дигиталниот простор и во просторот на електронските комуникации.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска, на истата тема, рече дека МВР успешно ја вршеле својата работа во однос на дојавите на бомби.
„Дојавите се преку виртуелни приватни мрежи хостирани во странство и речиси апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата бидејќи станува збор за тој тип на мрежа. Ова е резултат на хибридна војна на која покрај Северна Македонија се изложени и други држави“, рече Ковачевски.