Виртуелни мрежи хостирани во странство е причината поради која речиси е невозможно да се открие кој стои зад речиси секојдневните дојави за поставени бомби, тврдат надлежните. Во меѓувреме дојавите продолжуваат но сега таргет веќе не се само училиштата туку и државни институции, министерство, трговски центри и големи станбени комплекси
СКОПЈЕ – „Безбедносната состојба е стабилна“, дециден е премиерот Димитар Ковачевски по последната серија на дојави за поставени бомби во училишта, МНР, Народната Банка, полициска станица, трговски центри и најголемиот станбен комплекс во Скопје.
За премиерот Ковачевски нема двојба дека станува збор за хибридни напади врз државата и дека станува збор за монструозен чин. Дојавите за поставени бомби имаа цел да ја дестабилизираат државата но и целиот регион бидејќи вакви случаи се регистрирани и во соседните држави.
„ Овие хибридни напади се поради геостратешки цели или локални. Особено зачестија по почетокот на воениот судир во Украина. На ваков тип напади масовно се исложени и соседните држави – Србија и Црна Гора но ги има и во Нов Зеланд САД, Канада и Германија, рече премиерот Ковачевски.
Тој смета дека МВР не потфрлило во задачаат бидејќи веќе со месеци не може да се открие сторителот однонсо праќачот или праќачите на заканувачките електронски пораки. Потврди дека се испраќаат од странство и појасни дека станува збор за виртуелни приватни мрежи (ВПН).
„ МВР успешно ја врши својата работа и во однос на дојавите на бомби дејствува со полн капацитет. Дојавите се преку виртуелни приватни мрежи хостирани во странство и речиси апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата бидејќи станува збор за тој тип на мрежа. Ова е резултат на хибридна војна на која покрај Северна Македонија се изложени и други држави. МВР работи интензивно заедно со пратнерските служби и има секојдневна комуникација и со НАТО и со држави со кои имаме стратешка соработка. Останува како и досега нашите служби со партнерите да се справуваат со овој проблем“, појасни премиерот Ковачевски.
Секоја досегашна дојава за поставени бомби се анализира во домашните безбедносни служби одделот за антитероризам и Агенцијата за национална безбедност и се врши проценка. Сепак одделот за антитероризам има протокол за постапување во вакви случаи од кој не се отстапува а тоа предвидува физички претес на објектот.
Дојавите за поставени бомби веќе два месеци ја тресат државата. Ако во почетокот таргет беа средните училишта, со последните дојави беа таргетирани Народната Банка, МНР, полициската станица Центра, сите трогвски центри во Скопје и станбениот комплекс „Џевахир“ што според безбедносните експерти укажува дека станува збор за смислена акција со цел да се предизвика конфузија и метеж кај граѓаните и учениците и да се парализира системот.
Премиерот Ковачевски апелираше до граѓаните да не учествуваат во овој тип на напади.
МВР пред неколку дена поднесе кривична пријава за тероризам против малолетник кој на почетокот на минатиот месец испрати електронска порака до четири средни училишта со закана за поставена бомба.