Линкови за пристапност

Карциномот на грло на матка во Северна Македонија зема загрижувачки размери


Тенденцијата е да се мотивираат мајките на девојчињата да се вакцинираат со ХПВ вакцината. За жал немаме добар одѕив, вели Хаџер Алиед, лекарка гинеколог од Струга
Тенденцијата е да се мотивираат мајките на девојчињата да се вакцинираат со ХПВ вакцината. За жал немаме добар одѕив, вели Хаџер Алиед, лекарка гинеколог од Струга

Одѕивот кај помладата женска популација да се вакцинираат со ХПВ вакцина за да се заштитат од оваа болест е многу мал, велат лекарите.

Карциномот на грло на матка во Северна Македонија зема загрижувачки размери. Лекарите алармираат дека од 100.000 жени на 20 им е дијагностицирана оваа болест, а помеѓу четири и пет ја губат битката со неа.

Хаџер Алиед, лекарка гинеколог од Струга вели дека доброволната вакцинација со ХПВ вакцина е еден од начините навреме да се реагира.

Најдобро е вакцината да се прима во период помеѓу 12-та и 15-та година, но само 57% од девојчињата на оваа возраст ја примиле, иако се смета како еден од најефикасните начини во борба со оваа болест.

„Тенденцијата е да се мотивираат мајките на девојчињата да се вакцинираат со ХПВ вакцината. За жал немаме добар одѕив. Треба да ги натераме 3-4 пати да ги молиме, па да се јават во одделот за вакцинација, да се вакцинираат девојчињата. Од причина, од празноверие, дека тоа девојче ќе заболи од карцином на грлото на матката, ако ја прими вакцината“, вели Алиед.

Тоа е погрешен пристап и е спротивно од она што ние го кажуваме и што го кажува статистиката и модерната медицина вели Алиед.

„Треба да се смени односот на мајките прво, затоа што првата вакцина се зема на 12-13 годишна возраст. Треба да се стимулираат и да се едуцираат мајките, дека треба да ја примаат вакцината. Сè уште не е во програма на задолжителни вакцини и тука можеби треба да се стави во протокол дека треба да се прими, како и останатите вакцини“, додава Алиед.

Министерството за здравство спроведува програма за рано откривање односно скрининг на рак на грло на матка. На тој начин се мотивираат жените да прават т.н. пап-тестови.

„Сè уште имаме една висока преваленца на овие групи на заболувања. Преваленцата се должи на тоа што интензивно се работи на скринингот. Имаме повеќе откривања на тие неоплазми“, вели Даниела Чингоска од Центар за јавно здравје во Охрид.

За среќа, вели Чингоска, добар дел се откриваат во нивниот почетен стадиум.

„Повеќето се бенингни и овозможуваат лекување на овие состојби. Важно е кај оваа популација да се работи на зголемување на свеста, за да се искористат скрининзите што се прават со превентивната програма за да се откријат тие заболување во рана фаза и да се излекуваат“, додава Чингоска.

„Сега младите се сексуално по активни од млада возраст, така да и ракот на грло на матката почнува во порана возраст. Имаме такви случаи за жал“, укажува докторката Алиед.

Северна Македонија според Здружението на македонски гинеколози, во однос на европските држави, кога е во прашање ова заболување, стои многу полошо. Од 23 до 29 јануари се одбележа светската недела за превенција од рак на грлото на матката.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG