Децата ги подготвуваме за можен нуклеарен напад. Тоа го вели 43-годишниот Володимир Лиашченко, кој со своето семејство останал во Киев од почетоците на руската инвазија врз Украина.
„Таа (ќерката) многу плачеше кога ѝ објаснував. Кога ќе бидеш во училиште, доколку се случи нешто такво (нуклеарен напад), за жал, јас нема да бидам во можност да дојдам по тебе и да те земам од училиштето најмалку 24 часа. Треба да останеш во скривницата во училиштето со наставниците и со другите деца“.
Нуклеарниот напад од Русија веќе го смета за сериозно можна закана и вели дека треба да бидат подготвени на сè, па дури и на незамисливото.
„Никој од нас не очекуваше дека инвазија од толкави размери е воопшто возможно да се случи врз Украина. Затоа треба да се биде внимателен, можно е сè да се случи. Затоа, за нас е подобро да сме подготвени однапред, па дури и да не се случи (нуклеарен напад), отколку да не го гледаме како можност или веројатност“.
За мене, за мојата фамилија, за пријателите, каква било закана, па дури и употреба на нуклеарно оружје нема да ги смени нашите стремежи за слобода
Но убеден е дека ништо на светот нема да им го скрши отпорот против агресорот.
„За мене, за мојата фамилија, за пријателите, каква било закана, па дури и употреба на нуклеарно оружје нема да ги смени нашите стремежи за слобода и за независност како и почитување на интегритетот на целата украинска територија“.
Лиашченко и неговата сопруга имаат три деца. Тие се на возраст од 9, 5 и две години. Ќерката е најстара и оди во училиште. Двете други o треба да одат во градинка, но засега се дома.
„Ќерка ми оди во училиште. Прилично е голем предизвикот кога ја водиме таму поради безбедносните ризици. Многу често тревогата за напад почнува наутро и продолжува во текот на целиот ден. И, наместо да учат, тие остануваат во скривницата во училиштето“.
Најголем предизвик им е да ги заштитат децата од трауми. Но, тоа не оди лесно.
„Најмладиот (син), има две години. Прв ги слуша сирените за воздушна узбуна. Почнува да вреска и почнува да трча низ домот, додека се слушаат сирените. Тој прв се крие под масата, или кај полиците со книги или каде било. Инстинктивно бара место да се сокрие“.
Велат дека се навикнале на живот во војна.
„Имаме една шега што ја користиме при разговор: Работите за време на сирените? Да, но не работиме кога има ракетни напади“.
Но, деновите без електрична енергија, греење и без вода се сериозен предизвик.
„Тоа беше катастрофа. Кога нема струја по 20, 26, 34 и 42 часа, кој беше најдолг период без никаква електрична енергија. Струјата е потребна за вoдните пумпи, па немавме ниту вода. Не можете ништо да зготвите, ниту да се загреете“.
Како што ни објасни, животот во Киев почнал да се враќа во нормала, иако сирените за воздушен напад им се секојдневие.
Се надевам дека со победата на Украина заканите од војна во светот ќе исчезнат и дека ваква ситуација нема никогаш и никаде да се повтори
„Кога се возите покрај зградите што беа уништени или погодени од експлозии сега изгледаат како никогаш ништо да не им се случило. Животот.. Жителите на Киев се навикнаа и научија како да живеат со тоа (војната)“.
Верува во победа на Украина и во победа на светската заедница против агресијата.
„Сто проценти сум сигурен дека Украина ќе победи. Се надевам дека со победата на Украина заканите од војна во светот ќе исчезнат и дека ваква ситуација нема никогаш и никаде да се повтори“.