Линкови за пристапност

Бајден: САД и сојузниците „го чуваат грбот на Украина“


ВАРШАВА, Полска (АП) - Претседателот Џо Бајден од Полска, рече дека војната ја зацврстила решеноста на Западот да ја брани демократијата ширум светот.

Тој предупреди дека претстојат „тешки и горчливи денови“, но вети дека Соединетите Држави и нивните сојузници „ќе го чуваат грбот на Украина“.

„Демократиите во светот ќе чуваат стража над слободата денес, утре и засекогаш“, рече тој во Кралскиот замок, историска знаменитост во Варшава, пред широката толпа полски граѓани и украински бегалци.

Говорот на Бајден дојде еден ден по неговото ненајавено патување во Киев, каде што се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Киев е исправен и силен“, изјави Бајден. „Киев е горд“.

Американскиот претседател објави дека Соединетите Држави ќе бидат домаќини на Самитот на НАТО следната година.

„Следната година ќе бидеме домаќин на секоја членка на НАТО во САД. Заедно, ќе ја прославиме 75-годишнината од најсилниот одбранбен сојуз во историјата на светот: НАТО“, рече Бајден за време на говорот во Варшава, Полска, на комеморацијата на една година од инвазијата на Русија.

Тој ја повтори американската поддршка за НАТО и членот 5, основачкиот принцип на групата дека нападот врз една членка е напад врз сите.

Бајден, говорејќи во Полска, му се обрати и на народот во Русија.

„Вечерва уште еднаш зборувам со народот на Русија. Соединетите Американски Држави и европските нации не се обидуваат да ја контролираат или уништат Русија. Западот не планираше да ја нападне Русија како што рече Путин денес“, рече Бајден од Варшава, Полска.

Тој додаде: „Оваа војна никогаш не е неопходност. Тоа е трагедија. Претседателот Путин ја избра оваа војна“.

Бајден повтори дека Украина се брани, додека Путин избира да ја продолжи војната, и дека Путин има избор да ја заврши војната кога и да одлучи.

Пред неговиот говор, Бајден се сретна со полскиот претседател Анджеј Дуда и започна серија консултации со сојузниците за да се подготви за уште покомплицирана фаза на руската инвазија.

Дуда, на средбата со Бајден, ја пофали ненајавената посета на американскиот претседател на Киев како „спектакуларна“, велејќи дека таа „го зајакна моралот на бранителите на Украина“.

Тој рече дека посетата е „знак дека слободниот свет и неговиот најголем лидер, претседателот на Соединетите Држави, стои до нив“.

Во среда, Бајден планира повторно да се сретне со Дуда заедно со другите водачи на групата Букуреш 9, група од најисточните членки на воената алијанса на НАТО.

И, додека Бајден сака да го искористи своето патување во Европа како момент на афирмација за Украина и сојузниците, Белата куќа исто така нагласи дека нема јасна завршница на војната во блиска иднина, а ситуацијата на теренот станува сè поголема комплекс.

Некои информации во овој извештај се од Асошиетед Прес

XS
SM
MD
LG