Линкови за пристапност

Царини, граници, скапа достава: Бројни пречки за електронско тргување на македонските граѓани и фирми со ЕУ


Македонскиот граѓанин и домашните фирми и натаму се соочуваат со бројни пречки за купување и продавање преку платформите за е-трговија
Македонскиот граѓанин и домашните фирми и натаму се соочуваат со бројни пречки за купување и продавање преку платформите за е-трговија

Бизнисите да направат притисок врз владините институции за да се забрза процесот за усогласување со европските трговски правила. Така ќе им се овозможи на македонските граѓани и фирми полесно да купуваат и продаваат на европскиот пазар за е-трговија, порачуваат познавачи на бизнис-состојбите

Границите, малиот пазар, царините, скапиот транспорт, се дел од бројните причини поради кои македонските граѓани сè уште не можат во целост да ги уживаат поволностите од електронското тргување како жителите на Европската унија.

„Кога ќе ги додадете царинските давачки, на, да речеме, некој што нарачува од Македонија, од некоја од соседните земји, тие производи едноставно стануваат неконкурентни на домашниот пазар“, вели Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија.

Препреки за електронската трговија со ЕУ и регионот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:17 0:00

Доставата е исто така еден од клучните сегменти за раст на електронската трговија. На македонскиот пазар веќе постојат четириесетина даватели на поштенски услуги. Но, поголемите проблеми се појавуваат при доставата на нарачки од странство.

Еден од начините да му се овозможи на македонскиот граѓанин без проблем да нарачува од земјите на Западен Балкан или од ЕУ, е побрзо да се исполнат задачите од евроинтеграцискиот процес.

„Имплементацијата на тие процеси ќе зависи од лидерите, од Владата, но и од менаџерите исто така. Треба да се почне од врвот, па сè надолу, до техничките прашања, за да се надминат пречките. Да се усогласат процесите со стандардите на Европската унија, како и усогласување во рамките на шесте земји од Западен Балкан. Сето тоа може да биде постигнато пред пристапот во ЕУ“, вели Штефен Худолин, шеф за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Како што велат познавачите, со адаптацијата на законските одредби за меѓусебна трговија ќе им се овозможи и на македонските фирми полесно да продаваат низ земјите од Западен Балкан и во ЕУ.

„Тргувањето на пазар од само 1,8 милиони луѓе, како што е Северна Македонија, автоматски ги редуцира можностите на бизнисот. Но, доколку има можност да се тргува со цел Западен Балкан, тоа ќе носи поголем профит и ќе има повеќе шанси за напредок“, истакнува Ото Граф, заменик амбасадор на Германија, и шеф за економски прашања во мисијата на германската амбасада во Скопје.

Ангеловска исто така истакнува дека поврзувањето на пазарот од Западен Балкан ќе биде од корист за домашната економија. Но, укажува дека пречките за тоа да се реализира се сè уште сериозни.

Нина Ангеловска, Претседателка на Асоцијацијата за е-трговија
Нина Ангеловска, Претседателка на Асоцијацијата за е-трговија
Кога ќе ги додадете царинските давачки, тогаш тие производи едноставно стануваат неконкурентни на домашниот пазар
Нина Ангеловска, Асоцијација за е-трговија

„Има многу пречки. Тоа се царинските давачки и процедури, скапата испорака, нестандардизираните регулативи, односно разликите што ги имаат сите држави. Тоа, едноставно, ги обесхрабрува домашните компании да влезат на други пазари со е-трговија“, укажува Ангеловска.

Деновиве во организација на Асоцијацијата за електронска трговија се одржа петтата конференција за Е-тргување. Таму беше укажано и дека, покрај пречките, македонскиот граѓанин сè уште нема доволно познавања и доверба во онлајн купувањето.

„Македонскиот просечен е-купувач најчесто купува од еднаш до двапати во три месеци, најчесто прави нарачки до 50 евра и тоа претежно од домашни е-продавачи. Додека, проблемите и на македонскиот, и на балканскиот, како и на европскиот е-купувач, се поврзани со доставата“, објаснува претседателката на Асоцијацијата за е-трговија.

Познавачите посочуваат и дека развојот на електронската трговија подразбира и адаптација на трговците и производителите кон новото време.

„Или ќе го развиваат бизнисот во двете насоки, во реалниот сектор, но и во секторот на е-трговија. Така ќе можат да го продолжат бизнисот што го имаат. Тоа, очигледно, е проблем за компаниите, но, секако, на клиентите (е-трговијата) им нуди поголем избор“, вели германскиот заменик-амбасадор Граф, за предизвиците што ги носи развојот на електронското тргување.

Неопходен сегмент е и безбедноста на онлајн нарачките.

„Да се исполни сè што е неопходно за заштита на потрошувачите, заштита на личните податоци и на сè што ќе биде поврзано со е-трговијата. Тогаш мислам дека ќе ги препознаат бенефитите и ќе се чувствуваат побезбедни“, посочува Худолин, од делегацијата на ЕУ.

Статистиките засега покажуваат дека македонскиот граѓанин и натаму преферира купување во живо, но познавачите сметаат дека сликата ќе се промени.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG