Линкови за пристапност

Аналитичари: Средбата во Охрид меѓу Курти и Вучиќ ќе биде историска, но не и последна


Нема да биде последна и нема да заврши со конечен договор. Така коментираат аналитичари за новата рунда од разговорите меѓу Вучиќ и Курти за иднината на Косово. Решeнието на овој долгогодишен спор, е од голема важност не само за Северна Македонија, туку и за  Западен Балкан, велат Незири и Филипов.

Саботната средба во Охрид меѓу косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател, Александар Вучиќ, е историска, заради тоа што ќе биде пресвртница во односите меѓу Србија и Косово и предвесник на историски договор меѓу овие две земји, вели за Глас на Америка, политичкиот аналитичар, Џелал Незири. Но вели дека оваа средба нема да биде последна и нема да заврши со конечен договор.

„Туку ќе биде момент кога двете земји ќе влегуваат во еден период на помирни и понормални меѓудржавни односи. Факт е дека Србија нема да го признае Косово во овој период како независна држава, но сепак со договорот ќе се обврза да не го попречува членството на Косово во меѓународните организации, а од друга страна Косово ќе се обврза да го имплементира договорот за основање на Заедница на општини со мнозинство етничко српско население“, вели Џелал Незири-политички аналитичар.

Екс амбасадорот Ѓорѓи Филипов, вели дека Охрид, како место има посебна симболика.

„Охрид како едно место во кое се прави мир. Имаме низ историјата такво искуство. Охрид како ‘писмејкер’ покажа дека е можно да се направи мир. И после потпишувањето на тој договор, најважна работа која досега слабо се одвива е имплементацијата на тие договори, имајќи во предвид дека Србија и Косово имаат потпишано досега околу 40 договори. Покрај секој договор треба да постои и потпишување на план за импелементација на тој договор“, истакнува Ѓорѓи Филипов-поранешен амбасадор.

Аналитичари за средбата во Охрид меѓу Курти и Вучиќ
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:30 0:00

И Незири и Филипов сметаат дека решението на овој долгогодишен спор, е од голема важност не само за Северна Македонија, туку и за Западен Балкан, па и цела Европа.

„Како тоа ќе се одрази врз Македонија, ние знаеме дека и Србија и Косово, имаат влијание врз состојбите во Северна Македонија, но и секој настан кој се случува има влијание во домашните политички процеси. Така што решавањето и нормализацијата на односите меѓу овие две држави, ќе донесе помирен период, поперспективен период и посветла иднина за целиот регион“, додава Џелал Незири.

„Од релаксацијата на односите меѓу двете соседни држави, Косово и Србија, ќе значи и релаксација и на политичките состојби во Македонија, имајки го во предвид она што не очекува, усвојувањето на амандмани на Уставот, во кој ќе бидат спомнати одредени етнички групи, кои досега не биле спомнати“, вели Ѓорѓи Филипов-поранешен амбасадор.

Високиот претставник на ЕУ, Жозеф Борел, поддржан од специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, ќе имаат одвоени средби со лидерите, а потоа и заедничка средба. На истата ќе стане збор за Предлогот на ЕУ, подржан и од САД, за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG