Линкови за пристапност

Во прашање е квалитетот на луѓето на политичката сцена


Аналитичари говорат за генезата на вчерашната тепачка во Собранието на РМ и опасноста по принципите на демократијата

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски денес јавно ги укори пратениците што учествуваа во вчерашниот инцидент, кога дојде до физичка пресметка меѓу членовите на ДУИ и ДПА. Вељаноски изјави дека за него, насилството во законодавниот дом е неприфатливо.

Инцидентот во Собранието предизвика бројни реакции во јавноста. Аналитичарот и професор Јове Кекеновски смета дека генезата на вчерашните случувања во парламентот, што штетат опасно на кредибилитетот на таа институција, имаат генеза во настаните од 24-ти декември 2012-та година.

Ова треба да биде и порака до лидерите на партиите дека во иднина кога ке ги составуваат листите за пратеници, мора да се поведе сметка која е личноста која ќе ве застапува во претставничкиот дом.
Јове Кекеновски, аналитичар

„Она што вчера се случи во македонското собрание за мене не е некој посебен куриозитет или нешто што не е видено и очекувано. После случувањата од декември 2012-та година, кога неумесно реагираа опозиционите пратеници, но кога го видовме и непринципиелното и агресивно однесување на собраниското обезбедување, ништо повеќе не може да не` изненади. Изненадување е дека вчера се степаа меѓусебно албанските пратеници, бидејќи се` досега очекувавме тепачка помеѓу Албанците и Македонците. Меѓутоа, ова треба да го сфатиме дека е резултат на лична навреда упатена од политичкиот противник. Во секој случај, се работи за непријатна случка каде што се руши личниот и институционалниот интегритет и дигнитет кога не сте спремни на соодветен и цивилизиран начин да упатите или да вратите на одредена критика или коментар“, вели Кекеновски.

Според него, ова е опомена дека политичките партии треба да внимаваат какви личности кандидираат за функцијата пратеник.

„Ова треба да биде и порака до лидерите на партиите дека во иднина кога ке ги составуваат листите за пратеници, мора да се поведе сметка која е личноста која ќе ве застапува во претставничкиот дом. Не сакам и не верувам дека ова е резултат на одредено сценарио на некои политичко-партиски кујни, во ситуација кога по желба на партиите на власт сме во фаза на усвојување на уставните измени и сето ова да се искористи за одредени уцени и лични или партиски бенефити“, наведува Кекеновски.

За аналитичарот Арсим Зеколи, вчерашниот настан може да се толкува како последица на, како што вели, насилството на власта кон опозицијата.

Клучната порака од овој инцидент, исто како и оној од 24-ти декември, е дека квалитетот на ликовите во политиката е таков што исклучува било каква разумна разрешница преку политички дијалог и компромис.
Арсим Зеколи, аналитичар
Клучната порака од овој инцидент, исто како и оној од 24-ти декември, е дека квалитетот на ликовите во политиката е таков што исклучува било каква разумна разрешница преку политички дијалог и компромис.
Арсим Зеколи, аналитичар

„Всушност, имаше два вида насилство. Првото, пасивно и визуелно неатрактивно насилство се одвиваше во понеделникот низ ликот на незрелиот заменик-министер за економија од ДУИ, којшто со цинизам ги одбиваше сите предлози на опозицијата за време на расправата. Тоа беше насилство од позиција на слепа моќ и дрско подбивање и казнување на не само опозицијата, туку и граѓаните коишто не гласале за ДУИ. Потоа уследи физичкото насилство коешто сите имавме можност да го видиме во сета своја мизерност и резил“, изјави Арсим Зеколи за Гласот на Америка на македонски јазик.

Тој во овој настан препознава тенденција и индикација, како што вели, дека ДУИ се` повеќе ќа ја следи политиката на ВМРО-ДПМНЕ на наслонување на аргументи на мускули, во недостаток на разумни објаснувања за крахот што го имаме доживеано.

Во врска со одлуката на ДПА да го напушти Собранието , Зеколи смета дека таа партија изреагирала по инцидентот како да сакала да најде повод да се повлече од работата на парламенот.

„Одлуката за напуштање на Собранието, речиси минути по инцидентот, остава сомнеж дека ДПА само чекала изговор за повлекување од парламентот. Мислам дека г-дин Тачи по своја вина, по изборите се најде во неповолна ситуација да поради врските со г-дин Мијалков и декларираната подршка на владата, во очите на јавноста да биде со право сметан како дел од една корумпирана власт, но без бенефити од истата. Инцидентот може да послужи за бришење на таа равенка ставена помеѓу г-дин Тачи и г-дин Ахмети според која и двајцата се само полуги и послушници на г-дин Мијалков и ја врати ДПА во рољата на радикална опозиција и `единствен бранител на албанските интереси`. И посредно, со тоа да ја намали привлечноста на Зиадин Села кој полека го загрозуваше тој имиџ на ДПА на вистинска опозиција. И последниот ефект - излегувањето на ДПА од Собранието ја остава ДУИ сама на сцената, со сите привилегии и одговорност и единствена партија на Албанците која работи по диктатот на Мијалков. Дури и доколку се оствари `заканата` на Ахмети за излегување од власта доколку не добиеме покана во НАТО, тоа е сега сосема безвредно. Но, клучната порака од овој инцидент, исто како и оној од 24-ти декември, е дека квалитетот на ликовите во политиката е таков што исклучува било каква разумна разрешница преку политички дијалог и компромис“, анализира Арсим Зеколи во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG