Линкови за пристапност

Тепачка во Собранието

  • Борјан Јовановски

ДПА го напушти парламентот, ДУИ бара анкетна комисија

Во Собранието денеска се случи сериозен инцидент. За време на расправата во собраниската Комисија за ребаланс на буџетот дојде до физичка пресметка меѓу две групи на пратеници од ДУИ и ДПА, фатена на видео-снимката на „24 вести“. Службата на собраниското обезбедување спречи ескалација на инцидентот.

Нема официјална информација од Кабинетот на Собранието за тоа како дошло до тепачката, ниту пак чија е одговорноста. Од таму само соопштија дека наскоро ќе биде одржана координција со пратеничките групи за да се утврдат понатамошните чекори во расветлување на инцидентот што предизвика бури реакции во јавноста, особено на социјалните мрежи.

Засега познато е дека до тепачката дошло по вербална расправија во која пратениците од двете партии размениле навреди.

По тепачката, пратениците од ДПА најавија дека нема да учествуваат во натамошната работа на Собранието, додека ДУИ побара формирање на Анкетна комисија којашто веднаш би го расчистила овој случај и би лоцирала одговорност.

„Итно бараме да започне постапка за кривично гонење на овие насилници и криминалци, како што се Талат Џафери, Реџаил Исмаили, Мирван Џемаили, Артан Груби и Муса Ибраими. Ние во меѓувреме ќе преземеме адекватни заштитни мерки од овие насилници и злосторници. Имајќи ја предвид настанатата ситуација, ние нема да присуствуваме во натамошната работа на Собранието, но упорно ќе продолжиме да ги браниме албанските интереси“, изјави Имер Алиу од ДПА.

„Парламентарната група на ДУИ изразува длабоко жалење и го осудува денешниот срамотен инцидент инициран од пратениците на ДПА Орхан Ибраими и Беким Фазлиу. Во отсуство на аргументи и на конкретна понуда за албанските гласачи, како и од постојаната фрустрација од последователните порази на избори во Република Македонија, ДПА го заменува политичкото дејствување со тупаници, со навреди и со отсуство на човечност. Затоа парламентарната група на ДУИ бара формирање на Анкетна комисија која веднаш ќе го расчисти овој случај и ќе одреди одговорност за тие што го иницираа, кои се гледаат јасно на снимките“, изјави Артан Груби во име на пратеничката група на ДУИ.

XS
SM
MD
LG