Линкови за пристапност

Америка и Израел мора да бидат обединети, рече Нетанјаху


Кога сме заедно се случува нешто навистина големо - ние победуваме, тие губат, рече израелскиот премиер за време на обраќањето во Конгресот на САД
Кога сме заедно се случува нешто навистина големо - ние победуваме, тие губат, рече израелскиот премиер за време на обраќањето во Конгресот на САД

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во обраќањето пред Конгресот, рече дека Америка и Израел мора да бидат обединети.

„За да триумфираат силите на цивилизацијата, Америка и Израел мора да се држат заедно“, рече Нетанјаху. „Кога сме заедно се случува нешто навистина големо: ние победуваме, тие губат“.

Нетанјаху, исто така, рече дека нема да биде мирен се ` додека сите заложници не се вратат дома.

Израелскиот премиер, го пофали претседателот на САД Џо Бајден дека го поддржал Израел во неговиот најтемниот час и тоа „никогаш нема да биде заборавено“.

„Сакам да му се заблагодарам за половина век пријателство со Израел“, рече тој.

Многумина очекуваа Нетанјаху да го искористи своето обраќање пред Конгресот за уште еднаш да го критикува демократскиот претседател, но забелешките на премиерот беа љубезни за Бајден, кој се повлече пред неколку дена како демократски кандидат за претседател.

Пред и за време на говорот на Нетанјаху, имаше многу протести во главниот град на САД. Активистите ветија масовни протести, а зградата на Конгресот беше опкружена со висока ограда и дополнителна полиција.

Десетици улици во Вашингтон, исто така, беа затворени.

Во вторникот имаше и демонстрации на националното шеталиште во Вашингтон, каде што семејствата на некои од заложниците, кои сè уште се држат во Газа, побараа од Нетанјаху да се согласи на договор за прекин на огнот што ќе ги врати заложниците дома.

Говорот на Нетанјаху дојде додека Вашингтон е во голема мера преокупиран со последиците од најавата на Бајден во неделата дека ја завршува својата кандидатура за реизбор и ја поддржа Камала Харис за демократската претседателска номинација.

Десетици демократи го прескокнаа говорот, многумина изразувајќи вознемиреност поради израелската војна во палестинската енклава и велејќи дека не сакаат да му помогнат на Нетанјаху да го подобри рејтингот во домашните анкети.

Нетанјаху утре треба да се сретне со Бајден, а се очекува одвоена средба и со потпретседателката Харис.

Нетанјаху треба да отпатува за Флорида за да се сретне со поранешниот претседател Доналд Трамп подоцна оваа недела. Средбата ќе биде нивна прва по завршувањето на претседателствувањето на Трамп, за време на кој двајцата воспоставија блиски врски.

Дел од информациите се од АП и Ројтерс

XS
SM
MD
LG