Поранешниот претседател Барак Обама вчера им се обрати на демократите во неговиот роден град Чикаго, велејќи дека потпретседателката Камала Харис е вистинскиот избор да се соочи со Доналд Трамп на претседателските избори во САД овој ноември.
„Америка е подготвена за ново поглавје. Америка е подготвена за подобра приказна. Подготвени сме за претседател Камала Харис“, рече Обама.
Тој направи директна споредба меѓу Харис и нејзиниот републикански противник, поранешниот претседател Доналд Трамп.
„Камала Харис нема да биде фокусирана на нејзините проблеми. Таа ќе биде фокусирана на вашите. Како претседател, таа нема само да се грижи за своите поддржувачи и да ги казнува оние кои одбиваат да ѝ се поклонуваат. Таа ќе работи во име на секој Американец - тоа е Камала“.
Обама беше претставен од неговата сопруга Мишел, која рече дека скратената изборна сезона на Харис треба да ги охрабри демократите да работат уште понапорно за да ја изберат.
„Не можеме да се препуштиме на нашите грижи за тоа дали оваа земја ќе избере некој како Камала, наместо тоа да правиме се` што можеме за да биде избран некој како Камала“, изјави Мишел Обама.
Иако демократите веќе го официјализираа нивниот процес на номинација претходно овој месец, церемонијална прозивка на државите го покажа ентузијазмот на демократите за нивниот нов кандидат.
Харис им се заблагодари на делегатите од нејзиниот митинг во Милвоки, Висконсин.
Демократите слушнаа и за сопругот на Харис, Даг Емхоф.
„Таа ќе биде лидер со верување дека од каде и да доаѓаме, како и да изгледаме, најсилни сме кога се бориме за она во што веруваме, а не само против она од што се плашиме“, рече тој.
Втората вечер на конвенцијата, исто така, имаше поранешни членови на администрацијата на Трамп и републикански функционери кои ја поддржаа Харис.
Денес, гувернерот на Минесота Тим Волц, ќе им се обрати на делегатите овде во Чикаго, формално прифаќајќи ја номинацијата на партијата за потпретседател.