Линкови за пристапност

Алиу: Алијанса е единствена, ДУИ се обидува да направи раскол


Претседателот на партијата Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вечерва имаше состанок со членовите на партијата и делегатите од централното Собрание кои застанаа зад него по превирањата кои настанаа откако даде поддршка на албанската опозиција на претстојните избори

КУМАНОВО – Пред полна сала во Куманово вечерва се одржа состанокот на Централното собрание на Алијанса за Албанците кое го свика претседателот на партијата Арбен Таравари како контра одговор на претседателот на Централното собрание и екслидер на партијата Зијадин Села, со кого во моментов се разидуваат по сите прашања поврзани со претстојните избори.

На собирот во Куманово присуствуваа над 80 делегати од вкупно 133 делегати на централно Собрание како и двајцата министри кои застанаа зад партискиот лидер, Фатмир Меџити и Азир Алиу и пратениците Халил Снопче и Абдула Халиу.

Министерот за информатичко општество, Азир Алиу, во изјава пред почетокот на состанокот на Централното собрание кажа дека Алијанса за Албанците е единствена како партија и нема раздор, но дека ДУИ се обидува да направи раскол во партијата. Има членови кои се блиски до таа партија но според Алиу не може да го надвладеат мнозинството и неговата желба за натамошно делување на партијата на претстојните претседателски и парламентарни избори.

„Нема отцепување на Алијанса за Албанците, бидејќи ние сме Алијансата, другите се ДУИ-сти во Алијанса за Албанците така да тие дали ќе бидат заедно, дали ќе бидат на посебна листа, дали ќе формираат нова политичка партија не знам. Во нашиот политички систем, првпат се случува една политичка партија да влегува и да прави политички процеси во друга политичка партија. Тука мислам на ДУИ, којашто делува и прави раскол во Алијанса за Албанците“ рече министерот за информатичко општество Азир Алиу, пред почетокот на состанокот.

Пред присутните се обрати и лидерот на партијата Арбен Таравари, кој говорејќи на албански јазик кажа дека промените се почнати и нема враќање назад, дводецениското владеење на ДУИ кои ги нарече „лошите сили“ ќе заврши на 8 мај и обвини за притисоци и закани поради кои дел од делегатите и членството кои се негови приврзани и поддржувачи не дошле во Куманово.

Несогласувањата и внатрешниот раскол во Алијанса за Албанците почнаа кога претседателот Таравари преку социјалната мрежа „Фејсбук“ соопшти дека дава поддршка на албанскиот опозициски блок кој го предводи коалицијата „Европски сојуз за промена“. Екслидерот а сега претседател на централното Собрание, Зијадин Села, не ја прифати неговата одлука бидејќи немало внатрепартиски дебати дискусии и заедники заклучок и свика состанок на централното собрание кое ќе се одржи во сабота во Скопје. Приврзаниците на Таравари го обвинија Села дека се додворува на ДУИ.

Техничкиот премиер Талат Џафери денес достави предлог до Собранието за разрешување на двајцата министри од неговиот кабинет Фатмир Меџити и Азир Алиу кои застанаа зад лидерот Арбен Таравари.

Во дописот Џафери бара од спикерот Митрески предлозите за разрешување да се најдат на дневен ред на наредната седница, која е закажана за утре, а на нивно место да бидат именувани Илир Демири во здравство и Наим Бајрами во министерството за информатичко општество и администрација, како што и беа предлозите на Управниот совет од Алијанса за Албанците усвоени со пет од вкупно седум гласа.

Повеќе од извесно е дека на утрешната седница како точка на дневен ред ќе се најдат разрешувањата на двајцата министри кои пак најавија дека ќе го искористат своето право и ќе се обратат пред пратениците во Собранието.

XS
SM
MD
LG