Линкови за пристапност

Американскиот увоз на прехрамбени продукти се изедначува со извозот, барем според цената - 2005-03-03


Доколку вашиот гастрономски интерес е толку префинет што за омилениот специјалитет ви се потребни „Илјада години стари јајца“, што всушност се јајца од патка третирани со специјален конзерванс, нив може да ги најдете во продавницата за ориентална храна во населбата Фолс Ч`рч во близината на Вашингтон. Малечката продавница има деликатесни производи од цела Азија. Главно, муштерии се азиски имигранти - вели сопственикот Ле Минг - но доаѓаат и Американците, барајќи состојки за ориентален рецепт што сакаат да го испробаат.

САД плаќаат за увоз на прехрамбени продукти од странство речиси исто колку што заработуваат од извозот на жито, пченка и соја. Еден од главните економисти во Американскиот оддел за земјоделие, Џералд Банџ укажува дека последниве години расте увозот на тропски производи што не се директно конкурентни на повеќето прехранбени производи што САД ги извезуваат. Такви се бананите од Колумбија, папаите од Белизе, дињите од Хондурас и праските од Чиле. Банџ вели дека Американците очигледно имаат интерес, но и пари да платат за увезено овошје и зеленчук.

Според Меган Провост, економист во Федерацијата на американското фармерско биро, цената на производите влијае увозот на храна да биде речиси ист со извозот. Доколку погледнете во количините - додава таа - ние извезуваме повеќе отколку што увезуваме, но цената на увозните продукти е повисока.

На американскиот извоз се одрази и тоа што Јужна Кореја и Јапонија прекинаа со увоз на телешко месо, откако во САД беше откриен еден случај на болеста кравјо лудило.

Експертите предвидуваат дека слабеењето на американскиот долар ќе придонесе цените на продуктите што САД ги извезуваат да паднат, што може да помогне да се зголеми продажбата, иако минатогодишното рекордно производство на жито, пченка и соја веќе ги има намалено цените.

XS
SM
MD
LG