Линкови за пристапност

Амнести - против политизација на амнестијата во Македонија - 2005-01-25


Организацијата за заштита на човековите права Амнести Интернешенал, со седиште во Лондон, смета дека предлог-законот за амнестија на ВМРО-Народна има политичка заднина. Соопштението објавено на веб-страницата на оваа организација, за Гласот на Америка на македонски го коментираше Хју Полтон од Меѓународниот секретаријат на Амнести, одговорен за проектот за Македонија, Србија и Црна Гора, Албанија и Косово.

Хју Полтон од Амнести Интернешенал смета дека целта на иницијативата е да се ослободат од обвиненија членови на поранешната влада и на безбедносните сили обвинети за сериозно кршење на човековите права.

Со овој предлог, вели тој, би биле опфатени и обвинетите, како поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, за убиството на шестемина Пакистанци и еден Индиец кај Раштански лозја во 2002-ра година, како и други одговорни за сериозни криминални дејствија во тој период.

Без оглед на тоа што името на организацијата е Амнести Интернешнал, вели нејзиниот претставник, ние не веруваме во амнестии за сторителите на сериозни злосторства, особено сериозни прекршувања на човековите права, меѓу што и убиства или киднапирања.

„Веруваме дека оние кои се одговорни за сериозно кршење на човековите права треба да бидат изведени пред правдата и за нив да се водат праведни меѓународни судски постапки. Во спротивно се создава клима на неказнивост“, кажа Полтон.

Постојната амнестија, додава Полтон, не важи за случаите на, како што вели, воени злосторства и злостворства против човештвото за време на конфликтот во 2001-ва што се под јурисдикција на Хашкиот суд. Тој издвои четири, како што ги нарече, поважни случаи по кои трибуналот води истрага - случајот Љуботен, малтретирањето на македонски цивили од страна на припадници на поранешната ОНА и случаите на исчезнатите лица од македонска и албанска етничка припадност.

„Засега, надлежноста за решавање на овие случаи му ја препуштаме на Хаг, но останува да видиме дали судот има капацитет да ги продолжи истрагите или веќе во рака ги има обвиненијата и треба само да се соопштат во јавноста, се надевам уште наредната недела“ рече Полтон.

Тој смета дека доколку Хаг не ја продолжи истрагата од различни причини како недостаток на време или персонал, тоа треба да го сторат македонските власти.

XS
SM
MD
LG