Пристигнувајќи во рускиот главен град, Виктор Јушченко кажа дека сака односите со Русија да бидат рационални, успешни и корисни за двете страни.
Тој исто така рече дека сака да нагласи оти Москва била првото место надвор од Украина каде заминал во официјална посета и дека тоа е знак на високо почитување.
Рускиот претседател Владимир Путин не присуствуваше на инаугурацијата на господинот Јушченко во неделата. Тој отворено го поддржуваше противникот на господинот Јушченко, поранешниот премиер на Украина, Виктор Јанукович.
Но пред средбата што се одвиваше зад затворени врати, Путин кажа дека ќе разговара со секој украински лидер, и дека изборот на Русија и на Украина да се придвижат еден кон друг останува непроменет.
Разговорите требаше да ги поправат односите меѓу двајцата лидери, но непосредно пред почетокот на средбата, во Киев беше објавено дека Виктор Јушченко ја назначил националистката Јулија Тимошенко за вршител на должност премиер на државата.
Во Русија по неа има издадено потерница и властите ја бараат за по обвиненија за проневера и шверц на бензин додека била раководител на приватна фирма во средината на 1990-те. Госпоѓа Тимошенка ги негира обвиненијата.
Кусиот престој во Русија требаше да покаже дека за господинот Јушченко одржувањето на врските со клучниот трговски партнер е важно. Но за време на инаугурацијата, украинскиот лидер јасно кажа дека иднината за земјата ја гледа во обединета Европа.