Линкови за пристапност

Трендот на лојалност кон политичките партии во САД - 2004-12-02


Човекот што претседателот Буш го нарече „архитект на успешниот реизбор“, Карл Роув, ретко е пред очите на јавноста. Сепак, тој на кратко излезе на сцената по изборната победа. На телевизиската програма на „Фокс Њус“ тој кажа дека републиканците можат да останат на власт со децении:

„Дали би сакал да ја видам Републиканската партија како доминантна во кое било време што историјата ќе го дозволи? Секако дека сакам. Јас верувам во принципите на на Републиканската партија“.

Околу 60 милиони Американци гласаа за претседателот Буш, добивајќи повеќе гласачки ливчиња од кој било друг претседател во американската историја. Иако неговиот противник, сенаторот Џон Кери, доби триипол милиони гласови помалку, неговиот број на освоени гласови на претходните претседателски избори би бил доволен за победа. Натпреварот привлече рекорден број гласачи на избирачките места – речиси 60 проценти. Несекојдневноста на овие избори ги натера аналитичарите да размислат за причините.

Тим Хајбитс е водечки независен истражувач на јавно мислење од западната држава Орегон. Тој вели дека се работи за израз на огромната лојалност на двете политички партии.

„Мислам дека последните избори беа многу партиски избори и, според мене, значителен број луѓе кои јасно се идентификуваат како Републиканци или Демократи ја искажаа својата поддршка за избраникот на нивната партија“.

Податоците од долгорочната студија на Универзитетот на Мичиген индицираат дека партиската лојалност има тренд на растеж од крајот на 1970те. Николас Валентино, професор по политички науки на овој универзитет вели дека денеска еден на секои тројца Американци јасно се идентификува со Републиканската или Демократската партија.

„Бројот на оние кои велеа дека се партиски определени во 1978 беше 23 проценти. Бројот на таквите сега е 33 проценти. Порастот е очигледен“.

Професорот Валентино вели дека истражувањата на јавното мислење направени по излегувањето на гласачките места покажуваат и друг тренд: зголемување на бројот на независни гласачи. Сепак, тој посочува дека тоа не треба да се третира како дека третина од излезените гласачи се навистина независни. Повеќето се приклонуваат кон некоја од двете партии, а само еден на секоие десет Американци никогаш партиски не се идентификувале.

„Има назнаки кои упатуваат дека повеќе луѓе сакаат да кажат дека се независни, но и се́ повеќе луѓе јасно партиски се определуваат. Со други зборови, постои поларизација. Она што се случува е намалување на бројот на оние кои се наоѓаат меѓу тие два екстрема“.

Тим Хајбитс додава дека двете главни политички партии се идентификуваат по тоа што се наоѓаат на спртивни страни од идеолошката ограда за поглавните прашања.

„Партиите и нивните прашања само до одреден степен се претопуваат. Порано имаше крило на поумерени либерални Републиканци и поконзервативно демократско крило во рамки на овие партии. Сега партиите многу поидеолошки се спротивставени“.

Но, Лари Сабато, директорот на Центарот за политика на Универзитетот на Вирџинија, вели дека социјалните прашања, како истополови бракови или абортусот, не биле толку важни на овие избори како што известувале медиумите.

„Анкетите што сугерираат дека културните и моралните вредности биле важни се практично смешни. Тие вредности постојат многу години. Тоа не беше прашање број еден. Тероризмот и Ирак беа главните прашања“.

Господинот Сабато верува дека трендот на партиска лојалност ќе расте, а тоа, за возврат, силно ќе ги дефинира разликите меѓу демократите и републиканците.

XS
SM
MD
LG