Линкови за пристапност

Димитров: Македонија има јасни цели - 2004-09-09


По повод одбележувањето на 13-та годишнина од независноста на Македoнија, македонскиот амбасадор во САД, Никола Димитров во кус разговор за нашата редакција истакна дека Македонија има јасни цели во многу скоро време да биде дел од Европа и дел од НАТО.

Амбасадорот Димитров подвлече дека актуелните случувања околу новата територијална оганизација на Македонија, се, како што рече, последните поголеми пречки пред започнувањето на посветла иднина за земјата.

„Мислам дека направивме многу за 13 години. Како прво, самата независност ја стекнавме мирно и демократски, се соочивме со многу пречки, во едно многу тешко опкружување, пред се резултат на историјата на Балканот и на нашите соседи. Се боревме за меѓународно признавање, процес кој на некој начин, условно кажано, не е целосно комплетиран. Воведување на реформи на суштината на нашето општество, во економска, политичка, правна смисла и во воена смисла. Во голем дел принципите на договорната економија влијаат врз сиромаштијата со која се соочуваме денес, но Македонија има јасни цели, се стреми да биде дел од Европа, дел од НАТО, да ги подобри животните услови за своите граѓани и мислам дека последните тешкотии и тензии околу општинските граници и други прашања, се последните големи пречки во тунелот пред да дојдеме до светлото, бидејќи без поголеми турбуленции, ние многу е веројатно дека ќе бидеме дел од НАТО, а ќе добиеме покана во 2006, а ќе станеме дел од НАТО во 2007“.

Што се однесува до престојното решавање на конечниот статус на Косово и како тој би влијаел врз македонската безбедност, господинот Димитров кажа дека пред да отпочне дијалогот меѓу Белград и Приштина, прашањето за одбележувањето на македонската северна граница во делот кон Косово треба да биде затворено прашање, исто како и прашањето со името.

„Македонскиот интерес е многу јасен. Ние мора да направиме се, Македонија да биде што е можно побезбедна и постабилна пред преминувањето на тој чекор. Тоа значи прашањето на обележувањето на нашата северна граница во делот со Косово, треба да биде затворено, исто како и прашањето за името, бидејќи на некој начин продолжувањето на оваа негативна традиција на употреба на референцата БЈРМ, дава впечаток на привременост. Мислам дека тоа Вашинтон го разбира, некои други важни фактори во меѓународната заедница го разбираат, се надевам дека и нашиот јужен сосед, Грција го разбира. Со затворањето на тие две прашања, согласно нашите интереси и како што тоа треба да се направи, како и со нашето приближување кон НАТО, на некој начин Македонија, подготвена ќе го дочека одговорот на прашањето за финалниот статус на Косово.

XS
SM
MD
LG