Линкови за пристапност

САД-Русија: Како втор мандат на Буш или нова влада на Кери би влијаела на американско-руските односи - 2004-09-06


Рускиот претседател Владимир Путин беше еден од првите светски лидери кои му се јави на претседателот Буш и му искажа сочуство по терористичките напади на 11септември. Тој вети силна поддршка и соработка. Во тој момент господинот Путин ја отфрли недовербата што се уште се јавуваше по Студената војна и ја замени со нова заедничка грижа: војната против теророт.

Три години подоцна, оваа грижа остана. Во текот на средбите со господинот Путин во претседателското одморалиште Кемп Дејвид, претседателот Буш разговараше за војната против тероризамот и за ризикот што го претставува Иран:

„Важно е да сфатиме дека е наш национален интерес Иран да не произведува нуклеарно оружје. Затоа најважното што што произлезе од овие средби беше реафирмацијата на нашата желба да соработуваме за да го убедиме Иран да ги напушти своите нуклеарни амбиции, како и да соработуваме со другите држави, така што заеднички ќе настапуваме. Слушнавте дека претседателот Путин кажа оти процесот на Меѓународната Агенција за атомска енергија мора да напредува. Цврсто се согласуваме со тоа“, истакна претседателот.

САД постојано изразуваат загриженост за иранската нуклеарна централа што е изградена со руска технологија. Американските власти се сомневаат дека Иран тајно произведува нуклеарно оружје. Иран инсистира дека неговите намери се мирнодопски и соопшти дека нема да ја отвори централата се до 2006 година.

Џејмс Голдгајер, соработник во Советот за надворешни односи, вели дека иранското нуклеарно прашање е клучот за американско-руските односи.

„Најголем проблем во овие односи веројатно е руската помош на иранската програма за нуклеарно оружје. Сеедно дали под власта на Кери или Буш, САД многу брзо ќе се конфронтираат со иранските напори за производство на нуклеарно оружје и за тоа САД ќе побараат соработка од Русија“, изјави господинот Голдгајер.

Американската администрација програмата на Иран за нуклеарно оружје ја нарекува закана за меѓународната безбедност. Во неодамнешниот говор, кандидатот за потпретседател на Демократската партија, Џон Едвардс, спомена уште еден проблем со кој аналитичарите велат дека ќе се соочи кој било претседател.

„Може да создаваме агресивна одбрана во соработка со светот за да се одговори на нашата најголема закана: терористи вооружени со оружје за масовно уништување. Знаеме дека нашите непријатели го сакаат ова оружје, особено нуклеарна бомба. И знаеме дека поголем дел од тој материјал за правење бомби не е безбеден, особено во Русија и во другите земји од поранешниот Советски Сојуз. Може да падне во раце на терористи. Не смее да се одолговлекува неговото обезбедување. А со темпото на оваа администрација, ќе и бидат потребни најмалку 13 години да го осигура ова оружје. Тоа е предолго“, кажа Едвардс.

Претседателскиот кандидат на Демократската партија Џон Кери вели дека спречувањето на терористите да набават нуклеарно оружје ќе биде безбедносна цел број еден доколку биде избран. Чарлс Кинг од Универзитетот Џорџтаун се согласува дека Демократската партија добро работела на обезбедување на нуклеарниот материјал во поранешниот Советски Сојуз.

„Еден од најдобрите производи во годините на Клинтон во Белата куќа беше силната соработка на спречувањето на ширење на нукеларното оружје. Сето тоа на некој начин е ставено на страна под администрацијата на Буш. А тоа е токму таа програма за која советниците на Џон Кери велат дека е суштинска во борбата против тероризмот“, вели Кинг.

Господинот Кинг вели дека разликите меѓу претседателот Буш и неговиот противник Џон Кери се во акцентот, а не во фундаментални промени на политиката. Николај Злобин, професор во Центарот за одбранбени информации во Вашингтон, наведува некои разлики.

„Сега Буш е секогаш на страната на Русија. Тој можеби е нај про-рускиот американски претседател во американската историја, барем во 20-от век. Му се допаѓа Путин и го поддржува. Но тоа многу е засновано на лични, субјективни причини или на актуелните потреби на американскиот политички естаблишмент. Мислам дека за евентуалната администрација на Кери поважно би било да се залага за демократските вредности отколку за тоа колку Русија може да помогне во борбата против ал-Каида. Кери би требало да преземе посериозни чекори и поцврст тон во разговорите со Русија за човековите права, медиумите и владеењето на законите“, истакна господинот Злобин.

Но Чарлс Кинг вели дека недоамнешните терористички напади во Русија им отежнуваат на САД да зборуваат за нарушување на демократските слободи во Русија.

„Во контекст кога умираат Руси, како жртви на терористички напади, во уривањето на двата авиони, во бомбашкиот напад кај метрото и последната заложничка криза во училиштето во Северна Осетија, мислам дека ќе биде многу тешко за САД да зборуваат за проблемот со човековите права кога фактички се кршат човековите права на Русите на најужасен начин“, изјави господинот Кинг.

Тој додава дека големата популарност на рускиот претседател кај рускиот народ им отежнува на американските претставници да влијаат на руската домашна политика, без разлика кој ќе победи на американските претседателски избори во ноември.

XS
SM
MD
LG