Неколку неодамнешни испитувања на јавното мислење покажуваат дека мнозинството Американци е за воведување на поостри емиграциони закони. Но процесот за поголемиот дел од предлог-законите е во застој и некои политичари велат дека оваа изборна сезона е време да се случи вистинска промена.
Републиканскиот конгресмен Том Танкредо од федералната држава Колорадо вели дека на САД им се потребни посигурни граници за да се спречи ширењето на тероризмот. Тој се противи и на обезбедување на легален статус на лицата кои во земјата пристигнуваат без дозвола.
„Никој не треба да биде награден за тоа што го прекршил законот. Никој. Ниту оние кои доаѓаат во земјава ниту работодавачите кои всушност го помагаат ова. Сметам дека искрено во оваа земја имаме две можности – или ќе имаме граници или ќе ги немаме“, вели господинот Танкредо.
Како да се обезбедат САД, а во истовреме да се заштити нивниот статус како земја на емигранти, се прашањата кои предизвикуваат поделеност кај многу Американци. Дури и термините кои ги користат политичарите за да го опишат статусот на емигрантите се различни. Демократите ги нарекуваат „емигранти без документи“, а Републиканците ги нарекуваат „нелегални странци“.
Како и да е, околу 9,3 милиони луѓе, од кои повеќето со семејства овде и во странство, живеат во постојана несигурност за тоа дали или кога би можеле да бидат депортирани.
Кај Демократите има тенденција да ги поддржуваат правата на имигрантите. Тие веруваат дека на оние кои немаат документи за легален престој, по одреден временски период, треба да им се овозможи да добијат таков престој.
Конгресменот Ентони Вајнер, демократ од Њујорк, вели дека со ваквите програми за „амнестија“, корист имаат лицата кои немаат легална документација, но и самото општество.
„Се работи за покрупно прашање. Се работи за општеството. Кој е начинот на кој ние како општество ќе одлучиме дали се задоволени потребите на нашите избирачи? Секако дека не ни е од корист да имаме такви кои не можат да извадат возачка дозвола, а со тоа не можат да имаат осигурување, што не оди никуму во прилог“, истакна конгресменот Вајнер.
Френк Шери е извршен директор на Националниот имиграционен форум кој беше модератор на дебатата во организација на Имиграционата коалиција на Њујорк. Г-динот Шери вели дека на оваа дискусија и недостасува клучен фактор.
„Кога заедниците на доселениците ќе бидат помобилизирани и поактивни и кога нивниот глас ќе биде слушнат, тоа е она што и е потребно на оваа дебата. Може да произлезат добри идеи. Може да биде жестока расправа. Тоа е здраво“, вели тој.
Г-динот Шери вели дека без оглед на тоа кој ќе победи на претседателските избори во ноември, за донесување двопартиско решение за проблемите на имигрантите во САД, може да бидат потребни повеќе години.