Линкови за пристапност

САД:  План за прераспоредување на американските сили во странство - 2004-08-16


Денес се очекува претседателот Буш и официјално да го објави планот за прераспоредување на околу 70 илјади американски војници во моментов стационирани во Европа и Азија.

Планот што се очекува да го изложи американскиот претседател би го означил најголемото глобално реструктуирање на американските сили од Втората светска војна – наваму. Покрај релокацијата на 70 илјади американски војници, промените би се одразиле и на 100-илјадниот придружен армиски персонал и членовите на семејствата на американските војници во странство.

Пентагон наводно веќе една година работи на планот за прераспоредување на армискиот состав во странство. Неговата цел е американските команданти да добијат поголема флексибилност во испраќањето сили на проблематичните точки на Блискиот Исток и во Централна Азија.

Поголемиот дел од американските сили ќе бидат релоцирани од базите во европските земји, како Британија и Германија. Промените ќе се одразат и на Јужба Кореја, каде тамошните студенти и работници веќе побарааa повлекување на американските војници од земјата.

Американски и јужнокорејски претставници минатиот месец постигнаа согласност за преместување на 8 илјади американски војници од Сеул во градот Пјонгтек, 80 километри на југ. Двете земји исто така разговараат за планот на американската влада да повлече околу една третина од вкупно 37-те илјади американски војници во Јужна Кореја.

Претседавачот со Сенатската комисија за надворешни работи, Ричард Лугар, синоќа во гостувањето на ТВ-мрежата Фокс изрази загриженост дека намалувањето на американското армиско присуство во Јужна Кореја може да има негативно влијание на шестпартитните разговори за запирање на нуклеарните програми на Северна Кореја.

„Мислам дека ситуацијата повикува на мошне внимателни, натамошни преговори со нашите јужнокорејски пријатели. Со оглед на шестпартитните разговори, сметам дека не треба да правиме ништо што евентуално би го загрозило нивниот успех“, кажа Ричард Лугар.

Првиот човек на Сенатската комисија за вооружени служби, Џон Ворнер, пак, за Си-Ен-Ен изјави дека одлуката да се повлечат трупите не е индикација за некаква американска индиферентност.

„Во Јужна Кореја армијата зајакнува од година во година, така што е понезависна од американските сили. Но, не ја намаливме нашата заложба, ниту на Јужнокорејскиот Полустров, ниту во Европа, и нашите сојузници го знаат тоа, бидејќи ние сме во консултации со нив, рече Џон Ворнер.

Највисокиот по ранг демократ во Сенатската комисија за вооружени служби, Карл Левин, смета дека промените се неопходни за подобро да се реагира на заканата од меѓународен тероризам. Тој исто така гостуваше на Си-Ен-Ен.

„На тоа се работи веќе подолго време, и има некоа нешта што индицираат дека треба да ги прераспоредиме нашите сили, така што тие ќе бидат во најдобра позиција да одговорат на новите закани, какви и да се́“, изјави Карл Левин.

Во моментов има преку 100 илјади американски војници во Европа, и уште 100 илјади во азиско-пацифичкиот регион. Околу 150 илјади американски војници во моментов се наоѓаат во Ирак и Авганистан.

XS
SM
MD
LG