Линкови за пристапност

САД ја истражуваат можната улога на Иран во терористичките напади од 11 септември - 2004-07-20


Претседателот Буш вчера изјави дека САД ќе ја испитаат каква улога имал Иран, ако воопшто имал некаква во терористичките напади на 11 септември 2001.

„Ќе продолжиме да истражуваме дали Иранците биле инволвирани. Долго време изразувам загриженост заради Иран. На крајот на краиштата, тоа е тоталитарно општество каде што на слободните луѓе не им е дозволено да ги остваруваат своите права“,истакна тој.

Владата на претседателот Буш долго време се двоуми дали да стапи во контакт со Иран по повеќе од 25 години непријателство или пак да го заостри својот пристап. Меѓу најголемите грижи во тој поглед беа наводите дека Иран го користи производството на нукеларна енергија како покритие за создавање на тајно оружје. Официјален Техеран пак, инсистира дека нуклеарната програма има само за цел да ги задоволи идните потреби од енергија за растечкото население.

Во Стејт департментот, портапролот Ричард Баучер предупреди дека и натаму е потребно внимателно да се пристапува кон Иран:

„Кажавме дека сме дискутирале со Иран во минатото за некои од овие проблеми, меѓу што тероризмот во регионот и други прашања што се однесуваат на регионот. За жал, освен доколку не посведочиме за напредок во некои области, ако видиме дека Иран престанал да ги поддржува терористите кои се обидуваат да ги поткопаат надежите и соништата на Палестинците, ако видиме дека Ирак почнал да ги исполнува нуклеарните обврски како што тоа го бара меѓународната заедница, ако видиме дека Иран го подобрува своето ужасно досие во однос на човековите права, дури тогаш би дошло време да се размисли за подобрување на нашите односи“,рече тој.

Невладината организација за политички истражувања, Советот за надворешни односи, вчера се вклучи во дебатата околу Иран со свој извештај што повикува на континуиран дијалог со оваа земја. Советот сугерира дека без дијалог се нанесува штета на американските интереси во регионот.

Во извештајот на Советот со кој претседаваат поранешниот советник за национална безбедност Збигњев Бжежински и поранешниот директор на ЦИА, Роберт Гејтс, се заклучува дека иранските нуклеарни амбиции се “еден од најитните проблеми“ пред САД, како и дека директниот дијалог со Техеран за ова прашање е клуч за стабилизирање на регионот.

На прашањето за можна поврзансот на Иран со терористичкиот заговор на 11 септември, господинот Бжежински вели:

„Досега се сугерираше само дека оперативците на Ал-Каида минале низ Иран, но нема индикации дали тоа е поврзано со иранско соучесништво во настаните на 11 септември. Едноставно, не знаеме. Меѓутоа. знаеме дека Иран беше непријателски настроен кон претходната ирачка влада – владата на Садам Хусеин, и кон Саудиска Арабија, како и кон Ал-Каида. Тоа треба да се има предвид и во смисла на тоа што би биле иранските калкулации за да им се дозволи на оперативците на Ал-Каида да минат низ иранска територија“, смат тој.

САД и Иран немаат дипломатски односи уште од Исламската револуција во 1979-та година, кога студентите фундаменталисти 444 дена држеа во заложништво 52-ца Американци.

XS
SM
MD
LG