Линкови за пристапност

Задоволство во Вашингтон од договорот за нова територијална поделба на Македонија - 2004-07-15


Американската влада е задоволна што коалиционите партнери во Владата на Македонија постигнаа договор за нова територијална организација на земјата. Ова вчера на распитот во сенатската Комисија за надворешни односи го изјави Кети Стивенс, заменик на помошникот државен секретар за Јужна и Централна Европа во Стејт Департментот.

Американската политика на Балканот како незавршена работа беше темата на вчерашниот распит во американскиот Сенат. Претставникот на Владата, госпоѓа Кети Стивенс во делот за Македонија говореше за очекувањата од реформите во одбраната во контекст на аспирациите на земјата за членство во НАТО, но и го изнесе ставот на Вашингтон за актуелната нова територијална организација на Македонија.

“Би сакала денеска да ја коментирам особено ситуацијата во Македонија, на која сме особено фокусирани оваа недела, во врска со последниот дел од законот за децентрализација, што е крајниот елемент од Рамковниот договор од 2001. Последниве неколку дена тесно соработуваме со локалните власти и со нашите партнери од меѓународната заедница, за да се комплетира имплементацијата на Рамковниот договор и да се задржи Македонија на патот на евроатланстксите интеграции. Вестите од Скопје денеска, по тешките преговори, се многу ветувачки, и особено не́ охрабрува што Македонија е доследна на делото на починатиот претседател Борис Трајковски со преземање на овој последен и важен следен чекор“, изјави претставникот на Стејт Департментот.

Госпоѓа Стивенс ја истакна и улогата на претставникот на ЕУ во Скопје, Сорен Јесен Петерсен, кој наскоро ќе ја преземе функцијата цивилен администратор на ОН за Косово. Таа рече дека Петерсен е позитивно решение за Косово, затоа што деновиве успешно го завршил процесот на децентрализација во Македонија.

Учесниците на рспитот во Сенатот ја споменаа децентрализацијата и за Косово. Сенаторот Џозеф Бајден праша дали е добар планот на Белград за децентрализација на Косово или се работи за “тројански коњ за поделба на Косово“. На ова, госпоѓа Кетлин одговори дека српскиот план е добар прв чекор за дијалог и за него ќе се расправа кога ќе се води дијалог за локалната самоуправа, децентрализацијата и заштитата на малцинствата.

Најголем дел од вчерашниот распит на Комисијата за надворешни односи, со која претседаваше сенаторот Џорџ Војнович, беше посветен на Косово, каде што тој рече дека ситуацијата покажува оти работата на Балканот не е завршена.

Кети Стивенс го повтори ставот на американската Влада дека додека не се постигнат демократски стандарди на Косово, не може да се зборува за неговиот статус.

“Мојот одговор на оние кои бараат независност е дека Косово ќе биде дел од Европа, а најбрз начин е имплементација на демократските стандарди“, рече Стивенс.

Сенаторите и претставниците на Владата го поздравија изборот на Борис Тадиќ за нов претседател на Србија, но велат дека сега од зборови очекуваат да се премине на дела.

Целта на САД не е да се повлече од Балканот, туку да го врати Балканот во Европа, рече госпоѓа Кети Ственс од Стејт Департментот. Но таа наведе неколку препреки што стојат на тој пат: етничките поделби и уништените економии, апсењето на воените злосторници, милиони бегалци, порозните граници и слабите законски рамки што се сериозна безбедносна грижа, особено по 11 септември 2001. И, последната пречка е бавната транцизија од користењето странска помош кон концентрирање на трговијата.

XS
SM
MD
LG