Линкови за пристапност

Ветон Сурои: Договорот за територијална реорганизација во Македонија е знак за функционирање на мултиетничката демократија  - 2004-07-14


Се што оди на линија на Рамковниот договор ќе и помогне на Македонија, за разлика од идеите за етничка територијалност кои не се добро решение, смета Ветон Сурои, уредникот на приштинскиот весник Коха Диторе. Тој во интервјуто за македонската редакција на Гласот на Америка ги коментира најновите случувања во однос на територијалната реорганизација во Македонија и ги анализира односите меѓу Македонија и Косово.

Постигнувањето на договор во владината коалиција за спорните прашања во однос на територијалното преуредување во Македонија, за г-динот Сурои претставува знак дека спроведувањето на Рамковниот договор продолжува и оти во земјата се создава нова реалност. „Мислам дека се што оди на линија на Рамковниот договор ќе и помогне на Македонија. Мислам дека од суштинско значење за Македонија е да се спроведе, не само оваа реорганизација за распределба на локалната власт, туку и создавањето на двојазично Скопје, што мислам дека е симбол на фактичка примена на мултиетничката демократија“, смета тој.

Господинот Сурои, кој деновиве е во Вашингтон и меѓу другото сведочеше и во сенатската комисија на американскиот Конгрес по прашања за Балканот, гледа позитивен развој на ситуацијата во Македонија со наоѓањето сили во земјата за справување со овие тешки прашања. Со тоа всушност се влегува во нова фаза, вели тој, за која кажа дека искрено се надева оти ќе придонесе Македонија да го забрза процесот на интеграција во ЕУ.

Запрашан за став по шпекулациите за можност од федерализација во Македонија, господинот Сурои рече дека не поддржува идеи за етничка територијалност, зашто, како што кажа, тоа нема да и помогне на земјата. Господинот Сурои како пример ја посочува Босна и Херцеговина, каде според него функционирањето на самата држава е парализирано. За него, најдоброто решение за Македонија е изложено во Рамковниот договор каде не се предвидува, како што вели, територијална власт за Албанците во Македонија.

„Секогаш при изнаоѓањето решение во овие случаи е да се најде рамнотежа меѓу функционирањето на самата држава и потребите на нејзините граѓани, посебно кога станува збор за оние кои не се мнозинство, како што е проблемот во Македонија. И мислам дека доколку ги избалансираме потребите на Албанците во Македонија со функционалноста на државата, ќе се постигне победничка ситуација за обете нешта“, вели тој.

Меѓу Македонија и Косово нема многу отворени прашања, истакнува косовскиот интелектуалец, освен како што вели „проблемот со демаркацијата на границата“, за кој е оптимист дека наскоро ќе биде решен.

„Мислам дека кога ќе се постигне конечна независност на Косово тоа ќе ја стабилизра ситуацијата во нашиот регион. Конкретно за Македонија, тоа значи дека Македонија ќе добие сериозен партнер на другата страна на границата и тоа ќе оди во прилог на решавање на потребите и проблемите таму“, кажа тој.

За господинот Сурои е мошне важно по стабилизирањето на политичката ситуација Македонија да добие датум за започнување на преговорите со ЕУ. Тоа, вели тој ќе помогне да се поттикне многу потребниот развој на економијата во земјата. Зашто само преку отвореноста на економија на Македонија всушност ќе се овозможи пристап на пазарите во Југоисточна Европа, вели Ветон Сурои.

XS
SM
MD
LG