Линкови за пристапност

Како се одбележува Денот на  независноста во САД - 2004-07-02


Овој викенд се одбележува најголемиот празник во САД, Денот на независноста. Сара Вилијамс во следниот прилог се осврнува на некои од традициите и историските случувања поврзани со годишнината од основањето на нацијата.

Денес празникот се одбележува со огномети, паради и скара. Но, овој празник има историска важност. На 4 јули се одбележува усвојувањето на Декларацијата за независност од страна на американскиот Континентален Конгрес во 1776-та година во Филаделфија. Документот, напишан од Томас Џеферсон го претставува основањето на САД и почетокот на крајот на владеењето на англискиот крал Џорџ Трети во 13 американски колонии. Жителите на колониите биле гневни што морале да плаќаат британски даноци, а не им било дозволено да имаат претставник во Британскиот парламент и затоа одлучиле да формираат нова држава.

Вејн Могулники е директор за комуникации во Монтичело, домот на Џеферсон, што сега е музеј во Шарлотсвил, федералната држава Вирџинија. Во домот на Џеферсон веќе 40 години Денот на независноста се одбележува со церемонија за 75 имигранти кои станале американски државјани. Еден од нив е Мехди Акбарзадех, по потекло Иранец, кој во САД живее 31 година. За него американското државјанство значи повеќе предности.

“Мислам дека ќе имам поголема слобода во однос на изборот на мојата идна работа, мојата слобода на говор во САД. Фактот дека ќе можам да гласам за мене е многу суштинска и многу значајна работа“, вели господинот Акбарзадех.

На ова церемонија ќе присуствува и Весна Тодоровиќ која заедно со нејзиниот сопруг пред 18 години имигрирала во Америка од поранешна Југославија, во потрага по кариера во областа на науката. Таа вели дека се многу благодарни што станале американски државјани.

“Оваа земја ни овозможи да имаме големи соништа и достигнување на сите цели што ги имаме во нашата научна кариера. Тоа е прекрасно искуство“, вели госпоѓа Тодоровиќ.

Ана Марија Сикарди од Венецуела е уште еден нов американски државјанин кој ќе пристусвтува на церемонијата во Монтичело. Таа веќе 8 години живее тука и е благодарана за шансата што и́ била дадена да стане Американка.

“САД ми понудија многу нови можности, кои никогаш немаше да ги имам во мојата земја, исто како и моите ќерки. Сите ние се обидуваме да бидеме професионалци. Напорно работиме, но во основа се работи за можностите, за начинот на живот тука кои се извонредни. Животот во САД е навистина прекрасен“, вели госпоѓа Сикарди.

4 јули е ден за прослава и за обичните, и за натурализираните Американци. Во Вашингтон се одржува централната прослава со парада, огномет, настап на Националниот симфониски оркестар и голем број други музички настани. Посетителите ги привлекуваат и Фоклорниот фестивал на Националното шеталиште, кој оваа година е посветен на културата на Хаити, латино-американската музика и местата долж североисточниот брег на САД. Но, според Бил Лајн, директорот за комуникации во службата во Националниот парк, која е спонзор на прославата, главна грижа е безбедноста. Тој говори за подготовките за празникот.

“Сите што ќе дојдат на Националното шеталиште, ќе се соочат со истото искуство како и на аеродромите насекаде во Америка. Тоа значи дека секој ќе мора да мине низ еден од 19 контролни пунктови околу Шеталиштето. Контролата ќе ја вршат полицискиски службеници. Тие ќе ги прегледуваат предметите што ќе се внесуваат и тоа нема да биде различно од она што се прави на сите аеродроми во Америка“, вели господин Лајн.

Но, некои Американци повеќе сакаат празникот да го минат во рурални области. Еве како Ден Краудер од Индијана вообичаено го прославува овој празник.

“Обично одиме на езеро во Мичиген и викендот за 4 јули го поминуваме заедно со децата и внуците. Вечерта одиме на сплав и го гледаме огнометот што вообичаено го прави Американската легија“, вели господин Краудер.

И посетителите кои во моментов се во САД се добредојдени на прославата. Владка Смрчкова, Чехинка која ова лето работи во Вашингтон како бејбиситер, вели дека за историското значење на овој празник се предава и во нејзината земја.

“Бидејќи е Ден на независноста, претпоставувам дека сите Американци станале слободни, тие се здобиле со слобода и токму затоа овој ден е значаен“, смета госпоѓица Смрчкова.

Независно дали се работи за посетители, за натурализирани државјани, за Американци по раѓање, 4 јули нуди за сите по нешто. А тоа е идејата која авторот на Декларацијата за независнот Томас Џеферсон би ја поздравил.

XS
SM
MD
LG