Линкови за пристапност

Милитантните групи со мотив и капацитет за напади се сериозна закана за светската безбедност - 2004-06-30


Експерти за безбедност велат дека во блиска иднина тероризмот ќе стане реалност во секојдневниот живот и оти власта и стопанството мора да научат како да се справат со ризикот. Група експерти пред публика бизнисмени во Лос Анѓелес говореле за новиот вид на конфликт што се создава со појавата на бомбаши самоубијци и подемот на современите комуникации, а што не покажува знаци дека ќе попушти во блиска иднина.

Џон Мекгафин 30 години го следел ширењето на тероризмот, за време на неговата претходна кариера како службеник во американската Централна разузнавачка агенција - ЦИА. Тој сега е претседател на американскиот огранок на фирмата АКЕ, која врши обука за безбедност за бизнисмени, невладини организации и медиумски куќи, како што се Си-Ен-Ен и Гласот на Америка.

Тој на собирот во Лос Анѓелес одржан за публика од бизнисмени рече дека терористичките лидери како Осама бин Ладен и Абу Мусаб ал Заркави се неконвенционална закана за западните влади и стопанства.

„Обајцата веруваат дека водат битка во која само една страна може да победи, тие или ние, дека кога сето ова ќе заврши, ќе остане само една страна“,вели тој.

Конфликтот со исламските милитанти е нековенционален, вели г-динот Мекгафин, бидејќи за терористите тоа е сеопфатен судир во кој тие, судејќи по се́, не би прифатиле краткорочни придобивки. Тој додава дека за разлика од конвенционалните сили, терористите се лесно подвижни и е тешко да бидат откриени. Исто така е тешко да бидат и нападнати, бидејќи нивните организации се променливи и можат брзо да се обноват со голем број потенцијални регрути.

Појавата на бомбаши-самоубијци претставува предизвик што не е забележан во досегашните терористички конфликти, вели Ендрју Кеин, основач на компанијата АКЕ. Овој поранешен инструктор на специјалните сили на Британската армија кажа дека британското искуство во Северна Ирска покажува колкуе тешко да се искорени тероризмот.

„Се работи за популација од 1,5 милион. Ирската републиканска армија или нејзините групи имаат поддршка од 10 проценти до населението. Во врвот на своето постоење, тие можеби имаа околу 400 до 500 оперативци“, рече тој.

Тој подвлече дека сепаратистичката ИРА не вршела самоубиствени напади, како што е случајот со исламските екстремисти.

„Па сепак, во текот на минатите 35 години ние никогаш не успеавме да го запреме протокот на оружје и експлозиви, или да ги спречиме сите напади во Северна Ирска“, рече тој.

Овој експерт за безбедност посочува дека војната против тероризмот мора да се потпре на специјалните сили и разузнавањето, а од суштинско значење станала и меѓународната соработка. Тој смета дека терористите најголем дел од своето влијание постигнуваат со објавување на своите акции и оти успеале да создадат претстава дека постои голема закана, поголема отколку за што реално се работи.

Мајкл Берков, заменик-шеф во Полицискиот оддел во Лос Анѓелес соработувал со американскиот Оддел за правда во создавањето полициски сили во Сомалија, Хаитии на други места. Тој вели дека тероризмот станува закана кога милитантните групи имаат и мотив, но и капацитет за напад врз одредена цел. Тој додава дека ова било случај со Ал Каида, се додека со нејзините операции се раководело од вазите во Авганистан.

„Во моментов, мислам дека сериозно го имаме нарушено нивниот капацитет. Има луѓе кои посекако имаат сериозен капацитет, Хезболах, Хамас, и би рекол дека тие веројатно стасале до САД. Но, тие немаат мотив да ги нападнат САД“, истакнува тој.

Палестинската група Хамас и организацијата со седиште во Либан, Хезболах можно е да имаат симпатизери во САД, но нивните активности се фокусирани на Блискиот исток, велат стручњаците и додаваат дека групите како Ал Каида, првенствено целат на американски интереси.

Експертите за тероризам велат дека групите со намера и капацитет да изведуваат напади веројатно повторно ќе нападнат во САД, како што беше случај во 2001-ва година, и како што се случува денес во други делови од светот.

XS
SM
MD
LG