Триесет и петмината членови на контролниот Борд на Меѓународната агенција за атомска енергија, меѓу кои и САД, велат дека Иран ги прекршил ветувањата за целосно откривање на информациите за својата нуклеарна програма. На следниот состанок закажан за септември, Агенцијата ќе ја разгледува можноста за воведување санкции.
САД и другите земји се сомневаат дека Иран тајно се обидува да произведе нуклеарно оружје. Меѓународната агенција за атомска енергија усвои остра резолуција со која се бара од Иран да ја каже вистината за својата нуклеарна програма. Но портпаролот на американскиот Стејт Департмент Ричард Баучер вели дека „однесувањето на Иран во минатото не не уверува дека барањата од резолуцијата ќе бидат исполнети“.
„Резолуцијата го повикува Иран да ги преземе сите неопходни чекори за итно решавање на сите значајни прашања, меѓу кои и оние за загадувањето со високо и ниско збогатен ураниум. Исто така од Иран итно се бара комплетирање на незадоволителните одговори на претходните повици од страна на Бордот за прекин на сите активности поврзани со збогатување и преработка на ураниум“, рече тој.
Програмите за збогатување на ураниумот можат да се користат за производство на нуклеарно оружје. Камал Карази, иранскиот министер за надворешни работи вели дека иранската нуклеарна програма е наменета само за мирнодопски цели. Но, имајќи ги предвид неговите огромни нафтени резерви и резерви од гас, Иран има мала потреба од нуклеарна енергија.
Од 2003 година, Меѓународната агенција за атомска енергија потврди дека Иран спроведува тајни нуклеарни активности. Мохамед ел Барадеи, генералниот директор на Агенцијата, вели дека Агенцијата ја споделува американската загриженост во однос на Иран.
„Треба што побрзо да го затвориме ова прашање. И јас и Бордот бараме од Иран да почне да соработува и да стане потранспарентен. Се надевам дека во следните месеци ќе видиме таква соработка“, вели г-динот Ел Барадеи.
На Иран „уште еднаш јасно и одлучно му е ставено до знаење во оваа резолуција“, вели американскиот државен секретар Колин Пауел, „дека меѓународната заедница очекува да одговори на нејзините прашања и тоа целосно“.