Мајкл Мур, чиј документарец "Фаренхајт 9/11" продолжува да предизвикува контроверза, вели дека ќе се спротивстави на секаков обид за спречување на рекламирањето на филмот пред политичките конвенции во САД и претседателските избори во ноември. Ова не беше прва посета на Мајкл Мур на Капитол Хил.
Во овој филм, чија премиера беше во Вашингтон неделава пред да почне да се прикажува во целата земја, тој може да се види како стои во близина на Капитолот прашувајќи еден член на Конгресот дали би ги испратил своите деца да се борат во Ирак.
Како и со филмот, за кој тој отворено вели дека целта е да ги охрабри Американците да гласаат против Џорџ Буш во ноември, неговата средба со членови на Конгресот исто така имала политичка цел.
Со зградата на Капитол во позадината, тој ја дефинира главната тема на патувањето низ земјата заради промоција на филмот.
"Вие се борите за мнозинство, за мнозинство што никогаш не го избра овој човек на функцијата, и мнозинство што не сака да оди во војна. Мнозинство што сака да види како младите растат и стануваат возрасни луѓе. Мнозинство што сака нафтата да остане во утробата на земјата под Аласка. Мнозинство што не сака четвртина милиони парчиња оружје во нашите домови. Тоа е мнозинството на оваа земја. Ние всушност живееме во многу либерална држава, единствено немаме либерално раководство“, вели тој.
Федералната изборна комисија, независно двопартиско тело одговорно за спроведување на американските изборни закони, го разгледува прашањето дали на политичките документарни филмови треба да им се дозволи да имаат радио или телевизиска промоција 30 дена пред прелиминарните избори и 60 дена пред општите избори.
Конзервативната група „Обединети граѓани“ која е тесно поврзана со републиканците, поднесе приговор до комисијата против господинот Мур и неговите дистрибутери, велејќи дека неговиот филм претставува изборна комуникација.
Ова може да има влијание на "Фаренхајт 9/11" и на други документарци критични за администрацијата на Буш по 30 јули, еден месец пред конвенцијата на Републиканската партија, што за комисијата е на исто ниво како политичките предизбори.
Појавувајќи се со членови на лоби групата Congressional Black Caucus, господинот Мур кажа дека бил напаѓан од комисијата и конзервативните групи заради гледиштата изразени во филмот.
"Тоа е прекршување на првиот амандман на моите права – да не можам да си го рекламирам филмот. Тоа е филм. Јас јавно не сум го поддржал Џон Кери, јас сум политички независен и не сум член на Демократската партија, така што да се обидат и да ги отстранат моите реклами од телевизијата затоа што сакам луѓето да дојдат и да го видат филмот е отворен атак на дел од десничарска група спонзорирана од Републиканци да ги спречат луѓето да го видат мојот филм“, додава тој.
Демократскиот конгресмен Чарлс Рангел, остар критичар на претседателот Буш и противник на војната во Ирак, вели дека расправата во врска со филмот на Мур го зафаќа прашањето за слобода на говорот во демократија.
"Сега Федералната изборна комисија вели – можеш да го правиш тоа, но не кажувај никому што правиш, зашто го прекршуваш законот. И потоа ги наоѓаме овие републикански организации кои велат дека филмот е политички. Токму во тоа е суштината на американскиот устав", смета конгресменот.
Многу републикански законодавци го осудија "Фаренхајт 9/11" нарекувајќи го манипулативен и искривувач на настаните кои довеле до терористичките напади на САД 11 септември, 2001, како и до војната во Ирак.