Линкови за пристапност

Претседателската кампања во САД се фокусира на економијата  - 2004-06-15


Најверојатниот претседателски кандидат на демократите Џон Кери вчера ги обнови нападите врз администрацијата на Буш, заради начинот на водење на економијата во земјата, а претседателот во Белата куќа ја бранеше својата политика.

Сенаторот Кери водеше кампања во Њу Џерси каде ја нападна економската политика на претседателот.

Тој го обвини претседателот Буш за игнорирање на американските вредности со намалување на даноците за богатите, истовремено оптоварувајќи ја средната класа со буџетски дефицит и долг.

„Со вашите тешко заработени долари за даноци вие всушност ги плаќате компаниите да ги извезуваат вашите работни места. И се поголем број од вас работат се понапорно, но се уште не можете да напредувате“, истакна тој.

Сенаторот Кери го обвини претседателот дека ја разочарал средната класа Американци, бидејќи како што рече, многу семејства работат се понапорно, помалку заработуваат и плаќаат поголеми трошоци за здравствена заштита, колеџ, образование и енергија.

Во Белата куќа, претседателот беше со многу пооптимистичко гледиште за домашната економија. Тој рече дека скратувањето на даноците помогнало за поттикнување на економскиот раст и за отворање на нови работни места.

„Задоволен сум од фактот што нашата економија е силна и станува се посилна. Сите индикации се дека планот за економско стимулирање кој го применуваме, дава резултати. Растот е силен. Се отвораат дополнителни нови работни места“, вели тој.

Во следните две недели, сенаторот Кери ќе патува во неколку клучни држави од средниот запад, при што ќе се фокусира на економијата. Претставници на кампањата на Буш тоа го нарекуваат „песимистичка и очајна тура“ на Кери.

Но, фалбите на администрацијата во однос на економијата, на некој начин беа потиснати од новиот извештај на Одделот за труд објавен вчера. Во извештајот се вели дека цените на потрошните добра во мај забележале најголем пораст во изминатите повеќе од три години, главно како резултат на повисоките цени за енергија и храна.

Претседателската кампања со месеци е фокусирана на Ирак и економијата, но тоа може да се промени следната недела, со објавувањето на автобиографијата на поранешниот претседател Бил Клинтон.

„Велат дека многу претседателски мемоари се здодевни и служат само на сопствен интерес. Се надевам дека моите ќе бидат и интересни и ќе служат на сопствен интерес“, рече тој.

Се очекува поранешниот претседател да ги окупира електронските медиуми со бројни интервјуа за својата книга и демократите се чини оти се поделени во однос на влијанието - доколку воопшто има некакво влијание, на вниманието што ќе биде посветено на достигнувањата на Клинтон, врз кампањата на Кери.

XS
SM
MD
LG