Линкови за пристапност

По скандалот во Ирак опаѓа рејтингот на Буш - 2004-05-06


Според последното истражување на јавното мислење на Ју-Ес-Еј Тудеј, на Си-Ен-Ен и Галуп, начинот на кој претседателот се справува со Ирак има поддршка од 42 отсто, што е најмалку до сега.

Вилијам Шнајдер е политички аналитичар во Американскиот Ентерпрајз Институт во Вашингтон.

“Шокантните вести за лошиот третман на затворениците изгледа дека му нанесуваат штета на претседателот. Неговиот рејтинг за Ирак опадна за 6 проценти во последните две недели. Дури и неговиот рејтинг за раководењето со војната против тероризмот падна на најниско ниво до сега. Тоа сега е едвај позитивно, 52 проценти одобрување наспроти 45 проценти негирање. А тоа секогаш беше негова силна страна“, вели господинот Шнајдер.

Во интервјуата за арапските телевизии оваа недела, претседателот вети дека американските војници кои се одговорни за малтретирањата ќе бидат изведени пред правдата. Тој исто така јасно стави на знаење дека САД и натаму се посветени да му донесат демократија на ирачкиот народ.

“Мислам дека со роковите сме реални. Тие ќе бидат исполнети. И сметам дека изборите ќе им помогнат на ирачките граѓани да сфатат дека доаѓа слободата“, изјави претседателот Буш.

Очекуваниот противник на претседателот од Демократската парија на изборите во ноември, сенаторот Џон Кери, ја критикуваше администрацијата дека е бавно и несоодветно реагирала на откритијата за малтретирањата.

Сенаторот Кери кажа дека стравува оти скандалот е закана за намалување на поддршката во земјата да се остане на курсот во Ирак.

“Она што се случувало таму им нанесува штета на сите наши војници кои служат со голема храброст и мислам, со почест. Тоа исто така ги поткопува американските напори во регионот“, изјави сенторот Кери.

Но иако анкетите во САД индицираат дека опаѓа рејтингот на претседателот заради Ирак и економијата, тие исто така покажуваат дека сенаторот Кери малку напредувал пред претседателот последните недели и дека и натаму се во мртва трка.

Аналитичарот Норман Орнстејн ги следи претседателот и Конгресот во Американскиот Ентерпрајз Институт. Тој вели дека претседателот Буш и натаму е во предност затоа што јавноста го прима како силен лидер по терористичките напади во 2001.

“Има постојан имиџ на Џорџ Буш што беше поставен по 11 септември и ќе биде потребно многу повеќе од неколку недели со лоши вести, тој да биде избришан. А тоа до некаде наликува на тоа како луѓето гледаа на Роналд Реган по обидот за атентат. Тоа чувство на отменост и достоинство кај Реган. Тоа чувство на одлучност и цврстина кај Буш, кој дејствуваше по 11 септември“, смета господинот Орнстејн.

Анкетите индицираат дека повеќето Американци сакаат да се остане во Ирак и да се заврши мисијата и покрај неодамнешните превирања и зголемувањето на бројот на жртвите.

Но аналитичарот Вилијам Шнајдер вели дека има многу предупредувачки знаци оти ставот во јавноста за Ирак може да се промени во негативен правец, во зависност од она што ќе се случува таму.

“Кога Американците ќе заклучат дека не само што не функционира политиката, туку дека треба подобра организација, тогаш треба да разгледаме план за поставување влада и заминување. Ако мнозинството каже дека целата работа била грешка дека ова било грешка пред се, (прашање за кое сега постои поделеност), тогаш владата ќе има проблем. Тоа се уште не се случило, но се приближуваме кон тоа“, изјави господинот Шнајдер.

Најновите истражувања на јавното мислење исто така сугерираат дека американските гласачи во моментот го сметаат Ирак и домашната економија за две најважни прашања во изборната кампања годинава.

XS
SM
MD
LG