Линкови за пристапност

Интервју на претседателот Буш за телевизијата Ал Хура  - 2004-05-05


Претседателот Буш кажа дека Американците се исто толку шокирани од фотографиите како и Ирачаните.

„Сакам народот на Ирак да разбере дека јас на ваквите постапки гледам како на нешто одвратно. Исто така сакам да знаат дека она што се случило во затворот не ја претставува Америка што јас ја познавам. Америка што јас ја познавам е сочувствителна земја која верува во слободата. Америка што јас ја познавам се грижи за секој поединец. Америка што јас ја познавам испрати сили во Ирак за промоција на слободата, испрати добри и достоинствени граѓани кои секојдневно им помагаат на Ирачаните“, рече тој.

Г-динот Буш за телевизијата финансирана од американската влада - Ал Хура истакна дека во демократијата не е се́ совршено. Се прават грешки, рече тој, но во демократијата за грешките се спроведува истрага и луѓето се изведуваат пред суд.

„Ние сме отворено општество. Ние сме општество каде постои волја за спроведување на истрага, за целосна истрага на овој случај, за она што се случило во тој затвор. Тоа е сосема спротивно од животот под режимот на Садам Хусеин. Неговите обучени мачители никогаш не биле изведени пред правдата за време на неговиот режим. Немало истраги за малтретирање на луѓето. Истраги ќе има и луѓето ќе бидат изведени пред правдата“, истакна американскиот претседател.

Портпаролот на Белата куќа Скот Мекклилан изјави дека интервјуата на претседателот Буш – за телевизијата финансирана од американската влада - Ал Хура, како и за ТВ Ал Арабија, со седиште во Дубаи претставувале можност тој да се обрати на пошироката публика во арапскиот свет, и да им порача дека фотографиите од злоупотребите во затворот се срамни и не ги презентираат високите стандарди на однесување кон кои се придржува американската армија.

Интервјуата на претседателот се дел од обидот на администрацијата да ги ублажи многувројните осуди од целиот свет на малтретирањето на ирачките затвореници. Советникот за национална безбедност Кондолиза Рајс, секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд и државниот секретар Колин Пауел исто така се појавија на различни ТВ станици во обид да ја уверат јавноста дека ќе биде спроведена доследна истрага и дека одговорните за малтретирањата ќе бидат изведени пред суд.

XS
SM
MD
LG