Линкови за пристапност

Меѓународните активности против Ал Каида - 2004-04-22


Европските лидери го отфрлија таканареченото примирје понудено од терористичкиот лидер на Ал Каида, Осама бин Ладен. На аудио снимката емитувана на арапските телевизиски станици, лицето за кое се верува дека е Бин Ладен нуди прекин на терористичките напади врз европските земји кои ќе ги повлечат своите трупи од муслиманските земји.

„Не може да се преговара со терористите “, изјави францускиот претседател Жак Ширак. Францускиот амбасадор во САД Жан Давид Левит вели дека Европа не е единствениот регион на кој му се заканува тероризам.

„Ние ќе останеме заедно во оваа војна против тероризмот бидејќи тој ги загрозува нашите вредности, но исто така и вредностите на исламскиот свет. Тоа се деструктивни сили и сите наши влади сакаат да изградат подобар свет, свет на дијалог, свет на мир“, рече тој.

Германскиот канцелар Герхард Шредер ја отфрли понудата на лидерот на Ал Каида, како обид за поделба на Европа. Тој рече дека Европа „на заканата мора да одговори во еден глас“. Италијанскиот премиер Силвио Берлускони неодамна го посети Ирак, каде се распоредени околу 3.000 италијански војници. Тој кажа дека не треба да има соменвање оти Италија ќе ги исполни своите обврски во Ирак.

„Ние нема да се повлечеме поради нападите врз нас или врз цивилите“, рече британскиот премиер Тони Блер. Претседателот Џорџ В. Буш рече дека тој и г-динот Блер се решени трансферот на ирачкиот суверенитет да се случи на 30 јуни.

„Премиерот Блер и јас одлучивме. Ирак ќе биде слободен. Ирак ќе биде независен. Ирак ќе биде мирољубива нација и ние нема да отстапиме од тоа“, истакна претседателот Буш.

Г-динот Буш рече дека е јасно оти терористите се во дефанзива, и го знаат тоа.

„Терористите го изгубија својот заштитник Талебан и камповите за обука во Авганистан. Тие ги изгубија своите засолништа во Пакистан. Тие го изгубија сојузникот во Багдад. И Либија му го заврти грбот на тероризмот. Тие изгубија многумина лидери во бескомпромисната меѓународна потера по нив“, истакна тој.

Но најзастрашувачката ситуација за терористите, вели претседателот Буш е „пробивот на слободата и реформите во поширокиот регион на Блискиот исток“.

XS
SM
MD
LG