Линкови за пристапност

Трансатланстка поделба и по еколошките прашања - 2004-04-21


Новиот раководител на американската Агенција за заштита на животната средина, Мајкл Левит вели дека дводневната средба се однесувала на областите во кои индустријализираните држави можат да се договорат за начините да се намали загадувањето.

“Можеби има различни гледишта, но постои и голем интерес за решавање на проблемите. Всушност, не само што има голем број прашања во кои имаме заеднички интерес туку имаме и ист приод во решавањето“, вели господинот Левит.

Меѓу другите работи, министрите за заштита на животната средина се согласија дека треба да се напредне во заштита на биодиверзитетот и намалување на штетните гасови.

Поранешниот гувернер на западната држава Јута, господинот Левит, кој минатата година беше именуван за нов раководител на американската Агенција за заштита на животната средина, беше пофален од индустриските лидери, но и критикуван од некои заштитници на средината. Во интервју за гласот на Америка тој ги изнесе плановите на администрацијата на Буш за намалување на интензитетот на емитување на штетни гасови за 18 проценти во следната деценија. Тој забележа дека новите барања за намалување на штетната жива од централите за енергија е прва грижа за американската влада.

Доаѓањето на господинот Левит во Париз, што е негово прво патување откако е на функцијата, доаѓа во време на загриженост на заштитниците на животната средина заради одбивањето на САД да потпише клучни документи од оваа област, како што е протоколот од Кјото и конвенцијата за биодеверзитет на ОН. Но господинот Левит кажа дека администрацијата на Буш е определена за намалување на деградацијата на животната средина, особено со понуда на економски поттици за бизнисите.

“Ние не само што продолжуваме со напредокот во оваа област, туку и го засилуваме. Но тоа треба да се прави на начин што ќе ни овозможи да ја одржиме економската конкурентност. Кога тоа отсуствува, и напредокот во однос на животната средина запира“, тврди господинот Левит.

Еден европски претставник кажа дека присуството на господинот Левит во Париз е добродојдено и дека разговорите минале добро.

Но Стив Соер, политички диоректор на невладината група Greenpeace International, е скептичен во однос на влијанието на пазарните поттици наменети за намалување на загадувањето. Тој вели дека САД и европските држави остануваат на различни краеви по прашањето како да се решаваат ваквите проблеми.

“Секако дека Европјаните не се обединети и не зборуваат со еден глас. Животот би бил поедноставен да беше така. Но во однос на САД, по најголем број прашања, има прилично јасна трансатлантска поделба“, смета господин Соер.

Активистите за животна средина исто така велат дека администрацијата на Буш нема адекватна политика која се однесува на емисијата на штетни гасови и жива. Тие велат дека нивното испуштање всушност ќе расте според американската владина програма а дека нивото на жива е веќе толку високо што наскоро ќе предизвика фактичко загадување во некои области.

XS
SM
MD
LG