Новиот шпански премиер Хозе Луис Запатеро вели дека има намера да ги повлече 1.300 шпански трупи од Ирак што е можно поскоро.
Еден ден по официјалното преземање на функцијата и неколку часа по назначувањето на најголем дел од членовите на новиот владин кабинет, премиерот Запатеро вчера на шпнската телевизија објави дека му наредил на министерот за одбрана Хозе Боно да ги преземе потребните мерки за повлекување на шпанските трупи распоредени во Ирак во најкус рок и под најголеми можни безбедносни мерки.
По минатомесечните избори во неговата Социјалистичка партија, г-динот Запатеро рече дека ќе ги повлече шпанските трупи од Ирак, доколку тие до 30 јуни не бидат ставени под команда на ОН. Во вчерашната изјава, премиерот објасни зошто оваа акција ја презема толку брзо.
Тој рече дека врз основа на информациите собрани во текот на изминатите неколку недели, нема индикации оти ОН ќе усвојат резолуција за исполнување на условите што тој ги поставил за натамошно останување на шпанските трупи во Ирак.
Сепак, г-динот Запатеро истакна дека Шпанија ќе продолжи да биде верен член на алијансите и ќе ги исполнува обврските за учество во меѓународни мисии за мир и безбедност.
Лидерот на главната опозициона Народна партија, Мариано Рахој, кој на оваа функција го наследи поранешниот премиер Хозе Мариа Азнар изјави дека оваа одлука е донесена брзо и без консултација на Парламентот во моменти кога се направени напори за постигнување договор за резолуција во ОН. Тој исто така рече дека тоа е доказ за непостоење на солидарност со сојузничките држави кои исто така имаат трупи во Ирак.
Иако истражувањата на јавното мислење покажуваа дека мнозинството Шпанци се противеа на војната во Ирак предводена од САД, владата на Азнар минатата година по инвазијата испрати трупи во хуманитарна мисија за да помогнат во стабилизирањето на земјата.
Г-динот Запатеро постојано ја критикуваше цврстата поддршка на г-динот Азнар на политиката на претседателот Буш во однос на Ирак. Со повлекувањето на шпанските трупи од Ирак, тој го исполнува најголемото ветување од кампањата.
Во реакцијата на шпанската одлука, американски официјален претставник изјави дека овој чекор не е изненадување и оти очекува дека Шпанија оваа одлука ќе ја спроведе на „координиран, одговорен и мирен начин“.