Линкови за пристапност

Висок претставник на ОН ги обвини етничките албански екстремисти за неодамнешното насилство на Косово - 2004-04-14


Во извештајот што вчера беше доставен до Советот за безбедност, директорот на мировните операции на ОН, Жан-Мари Гуено го опишува Косово пет години по завршувањето на граѓанската војна, како котел во кој се крчка етничка недоверба. Таа кажа дека убиството на српско момче минатиот месец и давењето на две албански деца следниот ден, предизикале дивеење на екстремните етнички Албанци.

„Нападите предводени од албанските екстремисти врз заедниците на косовските Срби и Роми беа организирани, раширени и со одредена цел. Нападите врз косовските Срби се вршеа низ цело Косово“, истакна господинот Гуено.

Во насилствата загинаа 19 лица, а над илјада беа повредени, меѓу кои и околу 100 меѓународни полицајци и мировници.

Господин Гуено го обвини цивилното општество на косовските Албанци дека придонело во вжештената атмосфера со тоа што не го осудило етничкото насилство. Тој исто така ги обвинува политичките лидери на етничките Албанци кои објавија соопштение кое придонело за зголемување на тензиите.

Претставникот на ОН додава дека со насилството сосема ги уназадило тешките повоени напори за враќање на раселените лица од Косово во нивните домови.

Претставниците на Албанија, како и на Србија и Црна Гора во ОН се придружија во осудите за етничкото дивјаштво. Но додека албанскиот амбасадор Агим Нешо ја пофали меѓународната заедница за осудата на насилството, српскиот вршител на должност амбасадор Роксанда Нинчиќ тоа го нарече неуспех.

„Цивилното присуство на меѓународната заедница има мандат да спроведува ред и мир, да ги заштитува и промовира човековите права и да обезбеди сигурно и неодложно враќање на сите бегалци и раселени лица во нивните домови. Овие обврски не беа исполнети“, вели госпоѓа Нинчиќ.

Господинот Гуено на ова одговори со одбрана на меѓународните сили на Косово. Тој кажа дека ОН го испитуваат насилството од минатиот месец за да преземат мерки за корекција, но предупреди дека косовските политички лидери мора со овие проблеми сами да се занимаваат или во спротивно ризикуваат повторно да избувне насилство.

XS
SM
MD
LG