Сенаторот Кери на својата предизборна кампања продолжи да го критикува американскиот претседател за тоа како се справува со ситуацијата во Ирак.
Најверојатниот кандидат на демократите за претседател смета дека господинот Буш треба да им се обрати за помош на сојузниците, за да се максимизираат шансите за успех и да се минимизира цената, како во животи така и во пари.
„Зошто САД речиси сами го носат овој товар и ризиците, кога и светот има влог во тоа? Ниту една арапска земја нема да напредне со неуспех во Ирак. Ниту една европска земја нема да биде побезбедна со неуспех во Ирак. Но, овие земји се очито настрана од ризикот што постои во напорите во Ирак. Зошто?“, истакна господинот Кери.
Државниот секретар Колин Пауел реагираше на овој коменатар за време на распит во Сенатот, каде тој истакна дека САД во Ирак всушност се обидуваат да ги вклучат ОН и НАТО.
„Ние не се противиме на ОН. Претседателот јасно кажа, веќе долго време го кажува тоа, дека сакаме ОН да имаат, цитирам, витална улога. Значи, сакаме да биде вклучена меѓународната заедница. Работиме на тоа“, вели секретарот Пауел.
За ситуацијата во Ирак стана збор и на друг голем настан вчера во Вашингтон - сведочењето на советникот за национална бебзедност Кондолиза Рајс пред независната Комисија која ги истражува терористичките напади во 2001 година.
Членот на Комисијата, Боб Кери, поранешен сенатор на Демократската партија од Небраска, кој инаку не е во роднинска врска со претседателскиот кандидат Џон Кери, одлучи да ја праша госпоѓица Рајс за ситуацијата во Ирак.
„Мислам дека не разбираме како муслиманскиот свет гледа на ова и многу сум загрижен дека воената тактика во Ирак ќе резултира во многу нешта, и тоа сите лоши. Мислам дека таму ќе завршиме со граѓанска војна ако продолжиме со оваа стратегија на воени операции. Го велам ова искрено, како некој што на почетокот ја подржа воената операција во Ирак“, вели Кери.
Госпоѓица Рајс не одговори на коментарот на господинот Кери и сослушувањето брзо се врати на нападите од 11 септември. Но овој инцидент е само последен пример колку загриженоста за ситуацијата во Ирак е во центарот на вниманието во Вашингтон последниве денови, како кај Владата, така и меѓу членовите на Конгресот.