Линкови за пристапност

Пауел: радикалниот шиитски свештеник е итен проблем - 2004-04-07


Американските критики на бунтовничкото свештенство ги започна државниот серетар Колин Пауел, кој рече дека Моктада ал Садр и неговите паравојници - припадници на таканаречената армија Махди не ги одразуваат ставовите на сите Шиити во јужен Ирак.

Во вчерашното интервју, г-динот Пауел кажа дека шиитските лидери на југот не му дале поддршка на г-динот ал Садр, чии следбеници од неделата наваму неколкупати се судрија со коалиционите сили во неколку ирачки градови.

Тој, радикалниот свештеник и неговите паравојници од Махди ги нарече „проблем со кој итно треба да се справиме“, додавајќи дека воените команданти на коалицијата работат токму на такви планови.

Моктада ал Садр кон крајот на минатата недела ги повика своите следбеници да ги напаѓаат претставниците на коалицијата и нејзините сили, откако американските власти во Багдад наредија затврорање на неговиот весник поради објавување на написи што поттикнуваат на насилства.

На вчерашната прес-конференција во Стејт департментот, портпаролот Адам Ерели рече дека конфликтот не е верско прашање, туку повеќе прашање на тоа дали на бунтовничкиот свештеник ќе му се дозволи да ги наметне своите ставови врз другите со насилство наместо со политичко убедување.

“Садр и неговите малубројни следбеници не ги гледаме како претставници на верска кауза, туку попрво како политички гангстери. Тие не дејствуват во име на религијата. Тие дејствуваат во име на приграбување на политичка моќ и влијание за себе преку насилство, бидејќи тоа не можат да го добијат со политичко убедување“ изјави портпаролот на Белата куќа.

Г-динот Ерели кажа дека најновите судири не се причина за поместување на датумот 30 јуни како рок за предавање на власта од коалицијата во рацете на ирачка привремена влада, и дека напротив, конфликтот само ќе послужи како дополнителен мотив за тоа.

Тој додаде дека структурата на привремената власт секојдневно напредува, посебно со пристигнувањето на специјалниот пратеник на ОН Лакдар Брахими кој има задача да утврди какви се перспективите за постигнување компромис меѓу поголемите ирачки фракции.

Во радио-интервју, секретарот Пауел директно не одговори на новинарската сугестија дека Иран го поддржува Моктада ал Садр, промовирајќи незадоволство меѓу ирачките шиити. Но, г-динот Пауел рече дека САД му укажале на Иран „да избегнува вакви активности“, кои, според него, можат да имаат дестабилизирачко влијание.

XS
SM
MD
LG