Линкови за пристапност

Инцидентот во Фалуџа, одраз на широко распространетиот гнев на Блискиот исток кон САД?  - 2004-04-01


Грозоморниот напад врз четворицата американски граѓани во средата во ирачкиот град Фалуџа го привлече светското внимание. Разбеснетата толпа ги запалила телата на четворицата мажи и ги влечела по улиците. Некои експерти сметаат дека овој напад е изолиран инцидент во град кој е познат по омразата кон Американците. Други, пак, велат дека тој е одраз на многу пошироко распространетиот бес спрема коалицијата и американската политика на Блискиот исток.

Бригадниот генерал Марк Кимит овој напад го спомена во рамките на неговото редовно известување за неколку насилни инциденти во Ирак што се случиле во средата.

„Исто така утрово, во Фалуџа биле нападнати две возила во кои се наоѓале четворица работници под договор на коалицијата“, рече тој.

Ова рутинско соопштување на инцидентот од страна на генералот не беше вистински одраз на екстремниот бес што жителите на Фалуџа го изразија по нападот во кој загинаа четворица американски цивили.

Неконтролираната топла прославувала палејќи ги телата, по што изгорените трупови биле клоцани, тепани и распарчувани. Луѓето извикувале анти-американски слогани, а едно ирачко момче носело парче хартија на кое пишувало дека Фалуџа е гробница за Американците.

Прашани зошто имаат толкава омраза кон овие американски граѓани, жителите на ова упориште на Садам Хусеин одговарале дека тие биле шпиони.

Мнозинството од 300.000 население на Фалуџа се муслимани Суни, кои биле повластени за време на режимот на Садам Хусеин. Овој град е сцена на повеќе напади врз коалиционите сили.

Но портпаролот на коалицијата, Ден Сенор вели дека народот кој ги осквернавил телата на мртвите Американците во Фалуџа не е репрезент на мнозинството Ирачани.

„Тоа се луѓе со поинаква визија за иднината на Ирак во споредба со огромното мнозинство Ирачани. Тие се луѓе кои сакаат да го врата Ирак во ерата на масовни гробници, силувања и тортури, на хемиски напади. Тие сакаат да се вратат во ерата на Садам Хусеин“, истакна г-динот Сенор.

Но некои арапски аналитичари се уверени дека бесот демонстиран во средата е широкораспространет. Колумнистот Фахми Ховеиди кој пишува за весникот Ал Ахрам од Каиро смета дека насилството е одраз на незадоволството низ целиот Биски исток како резултат на политиката на администрацијата на Буш во регионот.

„Се плашам дека тоа не е само во Ирак. Се плашам дека оваа администрација ја прошири омразата кон Американците низ целиот арапски регион, не само во Ирак. Се плашам дека ова може да се случи секаде, во земјите во Заливот или во која и да е арапска земја, бидејќи никогаш не можете да замислите колку оваа администрација ја прошири омразата кон американската политика во целиот регион“, вели тој.

Но воениот аналитичар Мохамед Кадри Саид од Ал Ахрам Центарот за политички и стратешки студии во Каиро вели дека во Ирак е направен напредок. Тој смета дека изразувањето на бесот во средата е изолиран инцидент и оти чекорите преземени за напредок во Ирак не можат да се оценуват само преку еден настан во еден град.

„Мислам дека во Ирак има помешани чувства. Од една страна има извесен напредок во многу апсекти, на пример владата, можеби и економијата и слично. Истовремено има и групи кои со насилство го кочат процесот за побезбедна иднина на Ирак. Мислам дека ситуацијата во Ирак не треба да се оценува само според настаните во околината на Багдад. Треба да се земат предвид и другите делови во Ирак каде нема насилство“, смета г-динот Саид.

Претставници на коалицијата велат дека нападите како овој во Фалуџа нема да ги запрат нивните напори за стабилизација и модернизација на Ирак и за предавање на власта во рацете на привремената ирачка влада до крајот на јуни.

Но според раководителот на одделот за политички науки на Универзитетот во Каиро, Хасан Нафа, дури и по трансферот на власта, ситуацијата нема драматично да се промени.

„Новата ирачка влада целосно ќе биде зависна од американската армија, од коалиционата армија, а полицијата ќе биде премногу слаба за да може да се грижи за безбедноста. Затоа се сомневам дека работите навистина ќе се променат по тнр. пренос на власта. Ирачката влада нема да стане суверена влада, само со формалното пренесување на власта во нејзини раце“, вели тој.

Многумина аналитичари очекуваат дека како што ќе се приближува денот на предавањето на власта, така ќе се зголемува и бројот на нападите. Но можно е тоа да продолжи и потоа.

XS
SM
MD
LG