Линкови за пристапност

Пакистан вели дека некои осомничени членови на Ал-Каида можно е да избегале од опсадата кај авганистанската граница преку тајни тунели - 2004-03-22


Првиот човек за безбедност на пакистанските самопрогласени автономни племенски региони, бригадирот Махмуд Шах, вели дека војниците откриле тунел долг два килметри низ кој е можно да избегале главните осомничени на Ал-Каида. Тој на новинарите денеска им изјави дека со тунелот биле поврзани две куќи направени од кал на двајца локални племенски припадници по кои има потерница, а завршувал на исушен поток во близина на авганистанската граница.

Стотици странски милитанти и нивните локални прврзаници се борат против владините сили со проектили, автоматски пушки и гранати. Околу пет илјади пакистански трупи со поддршка од хеликоптери учествуваат во операцијата во која загинаа неколку десетици лица, меѓу кои и голем број пакистански војници.

Воени претставници велат дека жестокиот отпор од милитантите индицира дека заштитуваат осомничени водачи на ал-Каида, веројатно лидерот број два на терористичката мрежа, Ајман ал-Завахири. Пакистанските експерти вршат тестирање на ДНК за да ги идентификуваат убиените и притворените во операцијата. Генерал-мајорот Шаукат Султан е портпарол на пакистанската армија и одби да каже дали меѓу нив има некој важен терорист како ал-Завахири кој е роден во Египет.

„Тестовите ќе се споредат со сите расположиви информации, кои се или на располагање или ќе бидат собрани. Во моментов сите информации што ги имаме за загинатите или за живите, не би сакале да ги кажеме се додека не бидеме 200 проценти сигурни за кого се работи“, истакна господинот Султан.

Пакистанските власти велат дека меѓу притворените има Пакистанци, Арапи, Чеченци и исламски милитанти од централната азиска република Узбекистан. Одговорниот за воената операција, генерал-полковникот Сафдар Хусеин, вели дека осомничените терористи се добро утврдени и дека не покажуваат знаци оти ќе се предадат.

„Овие луѓе се многу посветени. Според начинот на кој се борат, мислам дека тоа ќе биде долга битка и тие се решени да се борат до последниот човек, до крај. А ние сме решени сите тие да бидат или убиени или фатени“, вели генерал-полковникот Хусеин.

Воената акција против осомничените милитанти на Ал-Каида е најголема откако Пакистан се придружи во војната против тероризмот предводена од САД.

XS
SM
MD
LG