Истражувањето Глобални ставови на Институтот Пју открива дека европската поддршка за САД се намалила од минатиот мај, иако во муслиманските држави, опфатени со истражувањето, сега владее помала, како што се наведува, “омраза“ кон американската политика.
Во извештајот што беше објавен вчера, околу 60 проценти од Американците велат дека и натаму ја поддржуваат војната во Ирак, што е помалку од истата бројка во мај минатата година - 74 проценти, кога претседателот Буш објави крај на главните борбени дејствија во Ирак. Во Велика Британија поддршката драматично опаднала: од 61 процент лани во мај - на сегашни 43 проценти.
Во земјите што не ја поддржуваат војната постојат сомнежи за мотивите на американската операција во Ирак. Во истражувањето се открива дека мнозинството од испитаниците во Франција, Јордан, Мароко, Пакистан и Турција мислат оти САД ја користат војната против тероризмот за да ја контролираат нафтата на Блискиот Исток и да доминираат во светот.
По објавувањето на истражувањето во Вашингтон, директорот на Истражувачкиот центар Пју, Ендрју Кохат кажа дека анкетата покажала несогласување меѓу западните и муслиманските држави во врска со лидерството на Садам Хусеин.
„И покрај критиките за војната, западната јавност барем верува дека на ирачкиот народ долгорочно ќе му биде подобро без Садам Хусеин. Најизненадувачки резултати во ова истражување се што муслиманската јавност што ја испитувавме има спротивен став. Повеќето велат дека сметаат оти на ирачкиот народ ќе му биде полошо или пак имаат подлелени ставови околу тоа“, вели господинот Кохат.
Исто така има големи поделби меѓу луѓето во САД и во другите земји за тоа дали војната во Ирак помогнала или и наштетила на војната против тероризмот.
Поранешниот американски државен секретар Медлин Олбрајт претседава со проектот на ова истражување. Таа вели дека и покрај охрабрувачките докази оти претставата за американската политика во муслиманските држави малку е подобрен во споредба со претходното истражување, сепак има вознемирувачки трендови:„Вознемирувачки е што само Американците од сите анкетирани, веруваат дека војната во Ирак помогнала, а не и наштетила на борбата против ал-Каида. Исто така, проблематично е што ирачкиот конфликт предизвикал кај некои земји опфатени во истражувањето да се изгуби довербата во американската искреност и заложба за демократија“.
Иако многумина се сомневаат во мотивите за војната во Ирак предводена од САД, поддршката за американската војна против тероризмот малку се зголемила во неколку земји. Русите особено даваат поголема поддршка за американските анти-терористички акции: од 51 процент минатиот мај, сега 73 проценти од руските испитаници го даваат својот глас за тоа.
Курт Кемпбел е безбедносен аналитичар во Центарот за стратешки и меѓународни студии. Тој вели дека повеќето од испитаниците на војната во Ирак гледаат одделно од војната против тероризмот:
„Мислам дека глобално се прави поголема разлика меѓу војната против тероризмот и војната во Ирак за разлика од тука во САД, од очигледни политички и други причини“, вели господинот Кемпбел. „Мислам дека тоа се покажува во овој извештај“.
И покрај големите разлики во мислењата меѓу државите за војната во Ирак, постои широк консензус за тоа уште колку треба да се стори. Огромно мнозинство во сите земји опфатени со истражувањето велат дека ќе биде потребно повеќе од една година да се формира стабилна влада во Ирак.