Линкови за пристапност

Анан: Советот за безбедност мора да научи лекција од избрзаната осуда на ЕТА за нападите во Мадрид - 2004-03-16


Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан кажа дека членовите на Советот за безбедност се покајале за минатонеделната резолуција во која се обвинува баскиската сепаратистичка група ЕТА дека е одговорна за нападите врз возовите во кои загинаа 200 лица. Резолуцијата беше усвоена само неколку часа по експлозијата на бомбите.

Едногласното усвојување главно беше израз на сочуство на Советот. Дипломатите велат дека во резолуцијата се споменува ЕТА на барање на шпанската Влада.

Господинот Анан кажа дека властите во Мадрид потоа се извиниле.

„Мислам дека самите членки на Советот се чуствуваат непријатно заради тоа и шпанската Влада им даде писмо во кое се објаснува дека дејствувала со добра волја и дека тогаш го информирала Советот дека ЕТА е одговорна затоа што така биле првично уверени. Мислам дека тука сите треба да научиме лекција, вклучувајќи ги и членовите на Советот“, истакна господинот Анан.

Портпаролот на ОН кажа дека во писмото од шпанскиот амбасадор до Советот за безбедност се наведува оти истрагата за бомбашките напади потоа посочила на учество во нападот на државјани на други земји.

Генералниот секретар кажа дека е јасно оти избрзаната реакција на владата во Мадрид придонела да биде поразена на изборите што се одржаа по неколку дена.

„Очигледно дека имало многу фактори – еден е прашањето кој го стори тоа и дали јавноста почуствувала дека има целосна, јасна слика од владата за тоа што се случува. Исто така голем дел од населението кое се противеше на војната, беше потсетено на војната од тврдењата на терористите кои го извршија нападот“, вели Анан.

Господинот Анан кажа дека ќе биде претпазлив во извлекувањето заклучоци за бомбашките напади во Мадрид. Но тој рече дека инцидентот ја истакнал потребата од поголема меѓународна соработка во војната против тероризмот.

XS
SM
MD
LG