Со американската програма за престој, стара два месеци, се предвидува фотографирање и земање отпечатоци од прсти на речиси сите странски посетители кои бараат виза за влез во САД. Владата вели дека една од нејзините цели е да ја зголеми безбедноста на американските граѓани и на странците.
Во говорот во American Enterprise Institute во Вашингтон Стјуарт Вердери од Одделот за домашна безбедност истакна дека 1,8 милиони лица веќе минале низ американските аеродроми врз основа на оваа програма. Тој вели дека преку земањето на уникатните карактеристики за секој поединец, техника позната како биометрика, програмата веќе помогнала за откривање на некои осудени шверцери со дрога, силувачи и бегалци од федералните затвори.
“Веќе сме откриле 150 лица од листата на оние што се следат, и тие се фатени исклучиво преку биометриката. На овие лица би им било дозволено да влезат во земјата, но кога им биле земени отпечатоци од прсти, тие биле фатени“, кажа господинот Вердери.
Г-динот Вердери сепак вели дека новата програма не помогнала за фаќање на познат терорист, обидувајќи се да влезе во земјата. Токму овој и слични фактори придонесоа за критики во однос на ризиците.
Иако програмата има широки размери, од неа се изземени 27 земји, главно од Европа. Прашањето дополнително се комплицира, бидејќи речиси сите земји од ЕУ не подлежат на оваа програма, а само Словенија од групата земји кои стануваат нови членки на блокот е вклучена во оваа вејвер програма. Тоа значи дека на 1 мај, кога официјално новите земји се приклучуваат на ЕУ, неколку источноевропски земји, иако членки на Унијата, ќе продолжат да бидат дел од оваа програма за имигрантски проверки, за разлика од останатите членки кои се изземени од тоа.
Поранешниот заменик министер на Полска, Радек Сикорски, ситуацијата ја опишува како парадоксална. Тој вели дека на новите членки на Унијата, кои на никаков начин не предизвикале сомнежи за тероризам, задолжително им се потребни визи за влез во САД и се предмет на понижувачки третман со земање отпечатпци од прсти и фотографирање. Но, тој сепак додава:
“...Граѓаните од земјите каде има големи исламски заедници, односно граѓаните од Британија, Франција и Германија сега доаѓаат во земјата без визи и без да бидат фотографирани и да им бидат земени отпечатоци од прсти. Тоа едноставно нема никаква смисла и предизвикува чувство на нееднаквост кај овие земји“, кажа господинот Сикорски.
Генералниот директор за правда и внатрешни работи при Европската Комисија, Џонатан Фол вели дека тој сочувствува со ваквите критики, дека е тешко да се разбере ваквата ситуација. Но тој истакнува дека ЕУ е нешто што напредува. Според него клучни работи се дискусиите и надминувањата на проблемите.
“Она што е значајно во овие области е правилно објаснување на нештата. Дека ние не правиме разлики и дискриминации поради ова или она, туку затоа што некои работи допрва треба да се оценуваат, да се испитаат и конечно да се постават на вистинското место“, вели господинот Фол.
Г-динот Фол вели дека Европската Комисија соработува со САД за да ја обезбеди сигурноста и на американските и на европските граници.
Г-динот Вердери од Одделот за домашна безбедност се согласува со тоа. Тој вели дека американската програма за посети пред себе има долг пат и едно од прашањата на кое итно мора да се одговори е како да се постапи во однос на земјите опфатени со виза вејвер програмата.