Линкови за пристапност

Vesti-27 - 2004-02-27


Ирак

Некои членови на Ирачкиот владејачки совет велат дека нема да биде исполнет рокот за усвојување привремен устав што истекува утре.

Членовите на Советот посочуваат дека Комисијата која работи на нацрт-документите и натаму е поделена во однос на клучните прашања. Главните прашања околу кои се кршат копјата е улогата на жените во Ирак, колкава да биде автономијата за Курдите и улогата на исламот во Ирак. Американскиот државен секретар Колин Пауел вчера изјави дека коалицијата и Владејачкиот совет биле блиску до завршување на работата за да може овој документ да стапи на сила кога ќе се случи и трансферот на власта на 30 јуни, но оти сепак рокот до утре нема да може да биде испочитуван.

Северна Кореја - Преговори

Шестстраните разговори за севернокорејската нуклеарна програма се наоѓаат во извесен застој, поради она што домаќинот Кина го опишува како разлики, потешкотии и спротиставености.

Денешниот трет ден од разговорите заврши со надежи дека страните ќе постигнат некаков суштински договор. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека доколку не биде постигнат договор, тоа нема да значи дека разговорите биле неуспешни. Тие ќе продолжат и утре. Портпаролот рече дека иако тие се во застој, се забележува постепено надминување на јазот меѓу страните. Се чини оти ниту еден од клучните играчи, САД и Северна Кореја не се подготвени за отстапување од позициите.

САД – Претседателска номинација

Двајцата водечки кандидати на Демократската партија за претседателската номинација, за време на вчерашната дебата во Лос Анѓелес, меѓусебно се критикуваа околу прашањата за трговијата, притоа секој од нив истакнувајќи дека е единствениот кој може да му се спротивстави на претседателот Буш во ноември.

Но, сенаторите Џон Едвардс и Џон Кери се согласија по прашањето за Ирак. Тие рекоа и дека се противат на хомосексуалните бракови, но го критикуваа претседателот Буш за барањето за уставен амандман за нивна забрана. Вчерашната дебата е воочи најважните предизбори што следната недела ќе се одржат во 10 федерални држави, на кои сенаторот Кери е фаворит.

Хаити

Франција упати нов апел до претседателот на Хаити Жан Бертран Аристид итно да поднесе оставка, во услови на закани од бунтвониците дека се подготвени да влезат во главниот град Порт-о-Принс.

Францускиот министер за надворешни работи Доминик де Вилепен на група лидери ан Хаити им кажал дека господинот Аристид носи огромна одговорност за тринеделниот бунт. Во меѓувреме, бунтовниците ја презедоа контролата врз еден град на околу 60 километри од Порт-о-Принс. Бунтовничкиот лидер Гај Филипе изјави дека доколку претседателот Аристид не се повлече од функцијата, неговите луѓе се поготвени да го заземат главниот град. Господинот Аристид вчера повторно изјави дека нема да поднесе оставка.

Русија – Вселена

Руски претставници соопштија дека таканаречената вселенската прошетка надвор од Меѓународната вселенска станица накусо е прекината поради проблеми со вселенскиот костум на еден од космонаутите.

Космонаутот Александар Калери својата работа надвор од обритерот ја завршил неколку часа порано од предвиденото, поради појава на влага на неговиот костум. Тој и контролорите од Земјата откриле дека се работи за делот за ладење на самиот вселенски костум. Господинот Калери и американскиот астронаут Мајкл Фоејл биле на половина од пет ипол часовната прошетка, кога бил откриен проблемот. Во меѓувреме, поради технички проблеми европските научници биле присилени повторно да го одложат лансирањето на вселенско летало кое за првпат досега треба да се приземји на комета.

Јапонија-Судење

Лидерот на еден јапонски култ кој во 1995 година го организирал нападот со нервен гас во подземната железници во Токио е осуден на бесење.

48-годишниот Шоко Асахара на денешното соопштување на смртната пресуда во судот во Токио не покажал никакви реакции. Тој беше обвинет по 13 основи, во судскиот процес кој траеше 8 години. Неговите адвокати веднаш поднеле жалба, што значи дека до извршувањето на казната може да минат повеќе години. Во нападот во метрото загинаа 12 лица а над 5.000 беа повредени. Асахара исто така беше прогласен за виновен за издавање наредба за убиство на еден адвокат кој се борел против култовите и неговото семејство, како и за убиство на други членови на Аум -култот на најголемата вистина.

XS
SM
MD
LG