САД предлагаат серија чекори за зајакнување на активностите за спречување на ширењето на оружјето за масовно уништување. Постои загриженост дека хемиското, биолошкото или нуклеарното оружје што би завршило во рацете на терористите или пак кај непријателските режими би можело да им наштети на САД и на другите земји.
Ова оружје, вели претседателот Џорџ В. Буш, претставува сериозна закана.
„Америка со оваа опасност се справува со отворени очи и непоколеблива решителност. За победа во војната против тероризмот и за за запирање на ширењето на оружјето, потребно е најдоброто разузнавање. Затоа ние ја подобруваме и ја прилагодуваме способноста на нашето разузнавање во однос на новите закани што се појавуваат. Ние го користиме секое дипломатско средство за да им се спротивставиме на режимите кои произведуваат опасно оружје. Во рамки на Иницијативата за заштита од пролиферација, соработуваме со десетина земји во спречувањето на транспорт на опасни материјали по копнен, воден и воздушен пат“, рече американскиот претседател.
САД исто така се во агресивна потрага по оние оперативци на црните пазари кои продаваат опрема и технологија поврзана со оружејто за масовно уништување. Мрежата на чело со Абдул Кадир Кан, поранешниот раководител на пакистанската програма за нуклеарно оружје, е растурена. Мрежата имала оперативци во Малезија и во извесен број земји во Европа, на Блискиот исток и Африка. Кан и неговите соработници продавале технологија и знаења за нуклеарно оружје на Либија, Иран и Северна Кореја. Ова е само уште еден пример, вели претседателот Буш, зошто државите мора да преземат мерки.
„Минатата есен во ОН, предложив нова резолуција на Советот за безбедност со која се бара од сите земји да го казнуваат како криминал ширењето на оружјето, да воведат строга контрола на извозот и да ги обезбедат чувствителните материјали на своја територија. Побарав од Советот веднаш да ги одобри овие мерки“, додаде тој.
Претседателот Буш вели дека САД „ќе бидат бескомпромисни во одбраната на слободните земји и дека ќе одговорат соодветно на големите предизвици во овие опасни времиња“.