Пред една година, единствениот закон во Ирак беше самоволието на бруталниот диктатор Садам Хусеин. Благодарение на коалицијата под американско раководство, Ирачаните веќе не живеат во страв. Ќелиите за измачување се затворени. 46 од вкупно 55-те најбарани претставници на поранешниот режим се веќе фатени или убиени. Садам Хусеин е во затвор и му претстои судење.
Сега, вели претседателот Џорџ В. Буш, САД и нивните коалициони сојузници „им помагаат на Ирачаните во секојдневното напредување кон демократијата“.
„Денес нашата коалиција соработува со Ирачкиот владејачки совет во создавањето на основните закони преку почитување на правата. Ние сега соработуваме Ирачаните во ОН за подготовка на транзицијата на власта“, вели американскиот претседател.
Според временската рамка, 30 јуни е зацртан како датум за пренесување на власта во рацете на привремена влада во Ирак. Во тек е дискусија за одредување на најдобриот начин за тоа, дали преку регионални гласања или на непосредни избори.
Но, дури и пред да се одлучи како ќе биде избрана новата влада, Ирачаните веќе гласаат на локалните избори за избор на членови на локалните совети. Тоа се случува во провинцијата Ди Кар, на околу 400 километри југоисточно од Багдад. Таму за првпат Ирачаните гласаат на слободни избори за кандидати по нивен избор.
Секој гласач треба да покаже документ за идентификација, вели Наим Абуд, еден од судиите кои раководат со изборите. Таков е законот. Друго правило е - еден гласач-еден глас. Еден од гласачите за членови на локалниот совет во местото Фухуд се обидел да гласа два пати: еднаш за себе, а другиот пат за неговата сопруга. „Таа е дома со децата“, им кажал тој на судиите. Му било кажано да појде дома и да остане со децата, а неговата жена да дојде и самата да гласа.
По пребројувањето на гласовите во Фухуд, победил Заки Ханун, кој бил во егзил. Тој го напуштил Ирак во 1999 година, и се вратил по соборувањето на Садам Хусеин. „Ова е прв чекор кон демократијата“, вели тој. „Ова е извонреден пример за другите провинции во Ирак“.